Предлог законот за ратификација на Договорот меѓу Владите на Македонија и на Обединетото кралство во врска со партнерството за реализација на инфраструктурни проекти доби зелено светло од собраниската Комисија за надворешна политика и се очекува да се најде на дневен ред на 52. пленарна седница.
Целта на Договорот, што ќе биде во сила 10 години, е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфраструктурни проекти во транспортот, здравството, енергетиката и други критични сектори во земјава. Договорот беше потпишан на 22 мај во Лондон, а претходно помина на владина седница на 20 мај. Потпишувањето на документот следуваше по постигнатиот договор за стратешко партнерство со Обединетото кралство меѓу премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стармер што беше објавен на средба во Тирана.
Еден член од договорот вели дека измена или ревизија на текстот од договорот за стратешко партнерство ќе се прави со одлука на двата учесника, додека член 6 најспорен од договорот затоа што според него, учесниците прифаќаат дека тој не создава никакви законски права или обврски, а било која разлика во примената или толкувањето на Договорот ќе се решава пријателски со консултации наместо да се оди на суд.
„Учесниците прифаќаат дека овој Договор не создава законски права и/или обврски за Учесниците или која било трета страна согласно националното или меѓународното право. Било која разлика во толкувањето или примената на овој Договор што ќе настане меѓу Учесниците ќе се решава пријателски преку консултации и соработка меѓу Учесниците и нема да биде упатена на која било трета страна, национален или меѓународен суд или трибунал.
Ниту еден од Учесниците нема да има право на било каква форма на решавање на спорови во однос на овој Договор, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на судски или постапки пред трибунал, арбитража или упатување на трета страна“, стои во член 6 од Договорот.Ова значи дека ако на Велика Британија и текне да ја откаже помошта или да доцни со кредитните линии, ние нема да имаме право на тужба туку ќе се обидеме да ги наговориме да не ја прекинат соработката.
За спроведување на проектите според овој Договор, Владата на Република Северна Македонија, согласно нејзините национални закони и владините постапки, може да ги преземе сите неопходни законодавни, управни и институционални мерки, вклучително и донесуване закони и подзаконски акти, а за да овозможи ефикасно и делотворно извршување на инфраструктурните проекти наведени во Анекс А и дополнителни проекти за критичната инфраструктура, како што ќе се договорат Учесниците.
Овој Договор останува во сила за период од 10 години. Договорот може да биде прекинат со писмено известување доставено од еден од Учесниците до другиот Учесник, најмалку 60 дена пред планираниот датум на прекин. Прекинот на овој Договор нема да влијае на проектите што се во тек.Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот договор ќе овозможи економски развој на државата затоа што на располагање се ставаат пет милијарди фунти што е голема инјекција за економијата, а спроведувањето ќе биде контролирано.
– Имаме можност да допреме до пет милијарди фунти што е голем придонес во однос на состојбата што ја затекнавме. Не треба да бидеме скептични, Ова ќе придонесе за економскиот развој на државата. Ова е многу голема инекција и ветува развој. Има многу можности и ќе има контрола, што секако е добро. Убедена сум дека македонската страна ќе направи се, оваа британска поддршка да се реализира и ќе се следи работата. Ова не се приватни зделки и лични интереси, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска.
Во договорот е наведено дека проекти на кои ќе им се даде императив со заемот се обновување и реконструкција на болници, вклучувајќи болници во Штип и Кичево, Универзитетски клинички центар и градски болници во Скопје, болници во Куманово, Битола, во Регионот Тетово-Гостивар и регионот Охрид-Струга, брза железница долж Транспортен коридор 10, којашто ги поврзува граничните премини Табановце Гевгелија/Богородица, главниот град Скопје и Аеродромот во Скопје, програма за развој на Коридор 8, програма за развој капацитетите за безбедност на сајбер и Дигитална трансформација на Владата на Северна Македонија, како и развој на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија на Северна Македонија.