Алис Вајдел стана неочекувано заштитно лице на германската крајна десница, која го држи второто место во анкетите, на три дена пред предвремените избори во Германија. Вајдел (46) е лидерка на Алтернатива за Германија (АфД), националистичка, антиимигрантска партија која го дефинира семејството како татко и мајка кои одгледуваат деца. Па, сепак, оваа поранешна инвестициска банкарка има две деца со нејзината сопруга која потекнува од Шри Ланка, а ги одгледуваат во Швајцарија. Вајдел живее со филмската авторка Сара Босард и во повеќе наврати одби да објасни како ја усогласува очигледната противречност помеѓу нејзиниот личен живот и визијата на општеството што ја претставува нејзината партија. „Јас не сум геј, но сум венчана за жена која ја познавам 20 години“, кажа Вајдел. Фаворитка на новата американска администрација, Вајдел помогна АфД да се пробие во мејнстримот и ѝ даде космополитски имиџ. Сепак, нејзината АфД не е помалку есктремна. „Со Алис Вајдел на чело, АфД брзо стана уште порадикална“, вели Ан-Катрин Милер, експертка за АфД која известува за весникот „Шпигел“.

Фаворитка на новата американска администрација, Вајдел помогна АфД да се пробие во мејнстримот (Фото: Њујорк тајмс)
Иако сите партии ветија дека нема да коалицираат со АфД, Вајдел неодамна првпат беше поканета на ТВ-дебата, која беше гледана од милиони гласачи. Во еден момент од кампањата, таа беше рангирана како најпопуларен кандидат за канцелар. Вајдел се придружила на АфД во 2013 и првпат беше избрана за пратеничка во 2017. Ветува дека ќе ги отстрани ветерните турбини и ќе ги отпушти професорите по родови студии и често збори за ремиграција, под што се подразбираат масовни депортации на мигранти. Вајдел одбива да се дистанцира од најекстремните членови на партијата, од кои некои ги минимизираат Холокаустот и германското нацистичко минато. „Треба да му биде јасно на целиот свет: германските граници се затворени“, кажа таа откако официјално беше номинирана за канцеларка минатиот месец. Вајдел пораснала во католичко семејство од средна класа. Нејзиниот дедо бил член на нацистичката партија и воен судија во окупираната Варшава. Вајдел кажа дека не го познавала дедо ѝ, кој починал кога имала шест години, а нацистичкото минато никогаш не било тема на разговор во семејството. Откако докторирала економија во Баварија, едно време живеела во Кина и научила мандарински, а потоа работела како аналитичарка во „Кредит Свис“ и „Голдман Сакс“. Признава дека не поминува многу време во својата куќа во јужна Германија, туку повеќе престојува во мало гратче во централна Швајцарија и тоа од безбедносни причини. Не крие дека не знае колку луѓе живеат во округот што го претставува во парламентот.