Во сегашниот контекст Русија го користи одбележувањето на крајот на Втората светска војна за да ја оправда својата агресија врз Украина, така што е важно да не се дава легитимитет на тоа со учество на вакви настани, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер во врска со најавите за присуство на словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ на парадата по повод Денот на победата над фашизмот на 9 мај во Москва. Всушност имаме и одлука на Советот за ова, со која земјите членки, вклучително и Словачка, во 2022 година се согласија до одбијат такви покани, додаде Хипер. На прашање дали евентуалното присуство на Вучиќ на парадата во Москва би имало влијание врз Србија и нејзиниот европски пат, портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие изјави дека не би сакал да шпекулира што би можело да следи по ваква посета.
Она што можам да го кажам е дека Србија аплицираше и преговара за нејзино членство во ЕУ. Ваквата одлука на Србија имплицира дека земјата треба да се усогласи со ЕУ, вклучително и во однос на надворешната политика. Така, ЕУ сака Србија да биде сигурен европски партнер за заедничките принципи, вредности, безбедноста и просперитетот и потребно е Србија да не увери во ваквата стратешка позиција, рече Мерсие. На прашање дали е подготвен „некаков одговор или казна“ за Фицо доколку присуствува на парадата во Москва, заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста кусо одговори дека не е во надлежност на Европската комисија да ги казнува шефовите на држави или влади.
Многу јасно ставивме до знаење дека не сакаме ниту една земја кандидат да учествува на овие настани на 9 мај во Москва. Пораката беше многу јасна, изјави Калас.

На ваквата изјава вчера реагираше словачкиот премиер Фицо оквалификувајќи ја како „непочитување“ и „закана“. Одам во Москва на 9 мај. Дали предупредувањето на г-ѓа Калас е форма на уцена или е навестување дека ќе бидам казнет по враќањето од Москва? Не знам. Но, знам дека е 2025 година, а не 1939 година, наведе Фицо во објава на социјалните мрежи. Фицо додаде дека „предупредувањето“ на Калас потврдува оти на ЕУ и е потреба дискусија околу суштината на демократијата и за тоа „што се случи во Романија или во Франција околу претседателските избори и за „Мајданите“ оркестрирани од Западот во Грузија или Србија“. Би сакал да ве информирам дека јас сум легитимниот премиер на Словачка – суверена земја. Никој не може да ми диктира каде смеам или не смеам да патувам. Ќе одам во Москва да им оддадам почит на илјадниците војници на Црвената армија кои загинаа во ослободувањето на Словачка, како и на милионите други жртви на нацистите, исто како што им оддадов почит на жртвите на десантот во Нормандија, на Пацификот или како што ќе ја наведнам главата во чест на пилотите на РАФ, наведе Фицо во објавата.