„Верувам во нашата држава, верувам во институциите на системот, верувам во правосудните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати, да кажам, посебни моменти од тој случај“, изјави денеска Салиу, кој е еден од осомничените во истрагата за пожарот што ја потресе целата држава Прашан како тогаш ја коментира истрагата, тој рече дека максимално ја почитува, но и оти се води од општото начело на презумција на невиност
Лично, со душа и со срце и максимално одговорно тврдам дека апсолутно немам вина, вели актуелниот министер без ресор, кој како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување беше опфатен во истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.Салиу, заедно со уште неколку лица кои изминатите нешто повеќе од десет години ја вршеа функцијата директор на Дирекцијата за заштита и спасување се најдоа осомничени во истрагата, бидејќи Обвинителството се обидува да докаже причинско-последична врска во непостапувањето на оваа институција што придонеле да се создадат услови кои довеле до трагедијата.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор. Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.Салиу денеска одржа прес-конференција пред Владата, на која главна тема беше ставот на партијата околу актуелните прашања поврзани со изборниот модел, прашањето што се отвори со условите за учество на независните кандидати и на малите партии на изборите.
Меѓу новинарските прашања, иако надвор од темата на прес-конференцијата, беше и тоа дали актуелниот министер и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување чувствува одговорност за трагедијата.
„Апсолутно во тој поглед не чувствувам одговорност, верувам во нашата држава, верувам во институциите на системот, верувам во правосудните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати, да кажам, посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, јас сум доктор на политички правни науки, 18 години сум бил адвокат, сум работел и по судовите, оставам на совеста на државата да одлучи дали јас имам вина или немам вина. Лично, со душа и со срце и максимално одговорно тврдам дека апсолутно немам вина во тој поглед“,рече Салиу.
Прашан како тогаш ја коментира истрагата, тој рече дека максимално ја почитува, но и оти се води од општото начело на презумција на невиност.
„Односно дека сè додека не се докаже дека некој е виновен и не се осуди, значи е невин“кажа министерот без ресор и ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување.
За потсетување, Салиу беше уапсен кон средината на април, заедно со уште 22 лица во рамките на проширувањето на истрагата за катастрофалниот пожар. Меѓу уапсените тогаш беше и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН.
Двајцата, како и сега веќе ексградоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, беа едни од ретките, ако не и единствените актуелни функционери уапсени и притворени за трагедијата што ја потресе целата земја.
На 30 мај беше соопштено дека Основното јавно обвинителство Кочани ја завршило истражната постапка во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ и оти со неа се опфатени вкупно 46 лица кои се осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Во тек се законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите и да предложи свои докази, по што треба да се донесе јавнообвинителска одлука, односно се чека да биде поднесено обвинение за случајот.
Во истражната постапка, како што соопштија од Обвинителството, постапувале вкупно 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово, кои презеле голем број дејствија со кои обезбедиле докази со цел утврдување на фактичката состојба.
Беше соопштено дека во истрагата било вршено и графолошко вештачење на дел од документацијата, биле извршени распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените.
„Од многубројни електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) се вршеше извлекување и анализа на податоци кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки по насока на јавен обвинител вршеше и Управата за финансиска полиција“,соопштија од Обвинителството на 30 мај.
Обвинителство: Завршена е истрагата за пожарот во Кочани, опфатени се вкупно 46 осомничени за тешки дела против општата сигурност
Во меѓувреме, сè уште е во тек истрагата против 14 поранешни високи полициски службеници која поради надлежноста се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.