Која е врската помеѓу нацрт-извештајот за Северна Македонија во Европскиот парламент и црквата во Курбиново, на пример? Дали е тоа релативизацијата на „идентитетот“ во првиот (извештајот), наспроти апсолутноста на идентитетот во вториот (Курбиново)?
Релативизација доведена до бесмисленост, која само треба да го дефинира „сомнежот во истиот“. Како „слатка одмазда“ за политичкото, регионално и глобално дефинирање на современата држава Северна Македонија, преку Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, со кои го делиме историскиот и географскиот регион на Македонија.
Па, националниот наратив и „историјата базирана на факти“ што природно се сврзани со државата и современоста, во стилот на опасна замена на тези, се сведени на (само)проблематизирање и докажување на идентитетот.
Но, за разлика од политичката терминологија – нација, држава, национален наратив – и историјата базирана на факти; идентитетот во својата културолошка и цивилизациска суштина, нема потреба од дефиниција. А, ако нешто не може да се дефинира, како тогаш може да се гарантира?
Па, оттаму произлегува дека гаранцијата не е за идентитетот, туку за политичкиот наратив за идентитетот, и тоа идеолошката верзијата што никако не кореспондира временски и просторно со нас самите.
Дали, ние, односно тие во наше име, сакаат гаранција не за тоа што сме, како сложен процес на етногенеза (еднаков за сите народи) во специфични географски, културолошки, цивилизациски и просторни услови; туку она што треба(ло) да бидеме – затекнат(и) народ(и) во освоена територија, „парче земја“ од историската Македонија? Дали „гаранциите“ зборуваат со јазикот на автохтоните или со јазикот на освојувачите (колонистите)?
Гласноста за „идентитетот“ кога е тој фиктивен, површен и неопределен, сведен на фрази – во извештај или во секојдневен говор – е преклопен од молкот за идентитетот кога е тој реален и означува припадност и однос кон припадноста.
Припадноста кон земјата, пејзажот, природата, која се гледа преку односот кон природното опкружување; припадноста кон урбаното и руралното, кое се гледа преку функционирањето, уредувањето и планирањето на секојдневниот живот; припадноста кон сопственото културно наследство, кое се гледа во состојбата на археолошките локалитети, религиозни храмови, архитектура; припадноста кон традицијата, обичаите и културата, своја и на другите, која се гледа во состојбата со меѓуетничка и меѓурелигиска почит.
Припадноста и односот кон природната комуникација кон блиските и заеднички култури со соседите (Грција, Бугарија, Албанија, Косово); поради цивилизациска и културолошка блискост. Тоа е идентитетот. А, за тој идентитет има молк. Затоа што не е фиктивен и не е наменски. Туку е жив. И заклучен. Метафорично и појавно.
Црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново е заклучена неколку години. Фасцинантен споменик на врвната и елитна византиска уметност од 12 век, која сугерира присуство на исклучителна цивилизација на целиот поширок регион.
Девастирана и деградирана со години, како флагрантен доказ (еден од илјадниците) за вистинската (не)грижа кон идентитетот; конзервирана и реставрирана, далеку од очите на стручната и пошироката јавност, во ад хок манир на супериорноста на „елитите“ – колонистички или локални – кон „плебсот“; стои сама и заклучена.
Никој нема пристап кон овој „бисер на идентитетот“. Ниту локалното семејство, кое генерациски се грижело, како за свое најблиско, за овој храм. Испразнета од живот и суштина. Заклучен и недостапен идентитет.
Дали оваа реална метафора, со црквата во Курбиново, е последицата од систематското, политикантско и во „колонијален манир“, поигрување со нашиот идентитет и константно развивање на „сомнеж во истиот“, преку антагонизирање и омраза кон другиот?
Чување на дефиницијата или чување на суштината? Првата, (не)свесно ја уништува другата. И ја чува заклучена, во празни идеолошко-наследени наративи, на време кое одамна е завршено.
Одбивањето да се прифати реалноста на современата држава Северна Македонија, нејзината политичка позиција, хармонизирана со соседите, регионот и ЕУ, и враќањето кон нејзините природни врски со Источниот Медитеран, каде што се и членките на ЕУ, Грција, Бугарија и наскоро Албанија, не е чување на идентитетот, туку напад на истиот.
Затоа што идентитетот сме всушност ние, нашето наследство, обичаи, навики, живот, патување и врски. Па, каде се тие, во реалноста или во извештајот на Европскиот парламент? Па, зарем не постоиме без таа дефиниција?
Или треба да заклучиме дека „од ова држава не бидува“ – што вели „наменскиот идентитет“ – ќе нè биде или не? Ќе го отклучиме ли или ќе се заклучиме? Па, веќе триесетина години го имаме клучот во наши раце, време е да го употребиме на вистински начин.
(Авторката е поранешна пратеничка)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“