Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари средба со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов.
Средбата се одржа во рамки на Форумот “Глобална Транспортна Поврзаност” што се оддржува во Истанбул, каде свое обраќање имаше и вицепремиерот Николоски.
-На средбата беше истакната неопходноста за изградба и модернизација на европските транспортни коридори, со посебен акцент на железничкиот и патниот коридор 8, како предуслов до регионален економски развој и олеснување на транспортот и трговијата, соопшти Министерството.
Потенцирајќи го прашањето за железничкото поврзување меѓу двете земји, двајцата соговорници нагласиле дека „овој проект има регионална димензија“, каде покрај економското значење, се наметнува и прашањето за стратешкото позиционирање на НАТО Алијансата преку поврзување на Јадранското и Црното море, соопшти министерството за транспорт.
Според соопштението двајцата соговорници се согласиле за нова средба во периодот кој следи со цел заеднички да се усогласи текстот на Договорот со кој ќе се постигне согласност за изградба на заедничкиот тунел којшто треба да ги поврзе Македонија и Бугарија со што ќе се придвижат работите за реализација на железничкиот Коридор 8. Двајцата соговорници се согласија да испратат експерти да учествуваат на состанокот за Коридор 8 што го организира Европската Комисија во месец јули.