Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на прес-конференција соопшти дека во тек е контрола на сите издадени лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. „Во тек е контрола на сите лиценци од Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. По завршувањето, ќе следат законски измени на секои шест месеци да се врши контрола на се што е издадено од институциите“ изјави Николоски. Од над 1.100 лиценци, досега се проверени над 640 лиценци и утврдено е дека многу фирми за изградба, надзор изработка на урбанистички планови не ги применувале законските прописи откако ќе добијат првична лиценца за работа во градежниот сектор.
Николоски рече дека од досега извршената проверка кај 97 лиценци констатирано е дека по издавањето на лиценците правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои истите се издадени поради што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците. На 13 изведувачи од А категорија и на 34 изведувачи од Б категорија ќе им биде одземена лиценцата, на 6 надзорници од А и Б категорија, на 23 проектанти, на два субјекти за ревизија на проект на документација,на еден управител за одржување и на 16 лица за изработка на урбанистички планови.