Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски информираше дека од вкупниот број издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на ДУП кој изнесува 3 илјади лиценци, до денеска прегледани се 2810. Од нив, одземени се 427. Тие се однесуваат во делот на градба, надзор, проектирање, изработка на детални урбанистички планови.
Најголемата е бројката на изведувачи на градба во Б категорија, тоа е практично се што не е врвен државен објект, меѓу што и станбени згради. Таму ќе се одземат 198 лиценци. Во понеделник таа работа ќе биде завршена, а во вторник ќе имаме конкретни бројки и со име ќе ги извадиме сите носители на лиценци на сите носители на кои ќе им бидат одземени лиценците. За истото ќе го известиме надлежното обвинителство и МВР, рече Николоски. Николоски додаде дека наскоро јавноста ќе добие бројки од целата акција која ја презема владата а која се однесува на проверка во сите сектори каде констатирале недоследности.