Веќе е распишан јавниот повик за набавка на 120 електрични еколошки автобуси, а согласно Законот за јавни набавки понудите се собираат во рок од 30 дена и треба да стигнат до средината на јули, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
-Предвидено е на два автобуси да има најмалку една станица за полнење, што значи дека целиот систем е добро осмислен. Се надевам дека ќе имаме поголема конкуренција и дека повеќе компании ќе се пријават на повикот. Со тоа би ги имале најдобрите и најмодерни автобуси со најдобра цена- рече Николоски во одговор на новинарско прашање на пуштањето во употреба на реконструираниот регионален пат Понов мост – Богданци.
Од 120 автобуси, се очекува 80 да бидат наменети за градскиот превоз во главниот град, а останатите 40 да им бидат поделени на општините кои извршуваат јавен превоз.