Преговараме со „Виз ер“ да ја отвори линијата Будимпешта – Охрид. Сметаме дека таа е поатрактивна бидејќи охридското крајбрежје има што да понуди за туристите. Во меѓувреме развиваме нов модел на привлекување на нови авиолинии и сметаме дека тој модел ќе донесе најмалку десет, а потенцијaлно и дваесет нови дестинации, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју на Радио Лидер. Според Николоски, сегашниот модел на субвенции на патници во доаѓање дава резултати, како што вели, има десет нови линии за неколку месеци. Со новиот модел се планира да се зголемат субвенциите.
– Будимпешта – Скопје, беше единствената линија за која „Виз ер“ добивале субвенции, субвенциите завршија, за жал бројот на патници е мал и затоа таа линија се укина. Ние разговараме со компанијата „Виз ер“, бидејќи најголемата база им се наоѓа во Будимпешта, да отворат линија за Охрид. Мислиме дека ќе биде поатрактивна бидејќи туристичкиот потенцијал е далеку поголем, а во однос на комерцијална смисла, Будимпешта не беше атрактивна за Скопје бидејќи има две поблиски дестинации Виена и Братислава кон кои што се лета од Скопје, а од Македнија нема толку патници да се опслужуваат во радиус од два часа на три аеродроми, објасни Николоски. Тој потенцира дека чартер летовите на „Фрибирд ерлајнс“ се силен инпут за зголемување на авиосообраќајот, а со тоа и директно за туризмот бидејќи секојдневно на скопскиот аеродром слетуваат по најмалку 180 туристи.
Се планира, според вицепремиерот Николоски, најмалку два чартери дневно на охридскиот аеродром. – Амбицијата е следната година најмалку два авиони да слетуваат во Охрид, што значи дека секој ден ќе имаме по двесте нови туристи. Тие остануваат по најмалку 4 дена што значи имате по 800 туристи во охридското крајбрежје во неатрактивни месеци кои ги полнат хотелите, рестораните и чаршијата. Голем инпут е и „Туркиш ерлајнс“, број еден авиокомпанијата во светот, лета од најголемиот аеродром во Европа за Охрид. Така што на охридскиот аеродром драстично се гледа разликата, рече вицепремиерот.