Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изјави дека се направени детални анализи на сообраќајната ситуација во државата, при што биле мапирани критичните точки со најголем ризик за сообраќајни несреќи.
„Проблемот со сообраќајот е согледан и анализиран. Мапирани се критичните точки низ целата држава, не само во Скопје. Започнуваме со системски пристап за зголемување на безбедноста, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и сите релевантни чинители“, изјави Јанев.
Тој рече дека прекршувањето на сообраќајните правила може да има фатални последици и повика на поголема свест кај граѓаните. „Не може ако знакот е 60, некој да вози 100. Ако е 100, да вози 200. Работиме на законски измени, со кои мерките ќе бидат порестриктивни, а казните повисоки. Но најважно е да ја промениме свеста – доколку не го почитуваме ограничувањето и возиме со несоодветна брзина, ние стануваме потенцијални убијци на патот“, предупреди Јанев. Дополнително, тој изрази загриженост за учеството на малолетници во сообраќајот и апелираше до родителите да не дозволуваат нивните деца да управуваат возила без соодветни дозволи.
„Како родител и како предводник на институција, сметам дека мора да ја подигнеме нашата лична свест. Не треба да им овозможуваме на малолетници пристап до моторцикли и други возила без возачка дозвола. Тоа претставува огромен ризик за нивниот живот и за безбедноста во сообраќајот“, додаде Јанев.
Тој најави дека ќе следуваат системски мерки за подобрување на безбедноста, со фокус на технологијата и елиминација на човечкиот фактор во одредени сегменти, со цел поголема ефикасност во контрола на сообраќајот.