Првичните резултати покажуваат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ успеа да оствари големата победа и на парламентарните и на претседателските избори. Што можеме да очекуваме по овие избори, можни ли се „тектонски“ промени во политиките на државата, со кого ќе се формира новата Влада, кои се имаат шанси за коалицирање со ВМРО….
Накратко за промената која се случува разговаравме со аналитичарот Петар Арсовски, кој за Фактор потенцира дека со оваа убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ, сега се во позиција сами да бираат со кого ќе коалицираат. Воедно тој се осврна и на едни од најгорчливите прашања поврзани со членството на Македонија во Европската унија.
– Гледаме дека ВМРО ДПМНЕ оствари убедлива победа. Освоија толку многу гласови и пратенички места што сега сами може да си бираат со кого ќе коалицираат и со кого ќе оформат Влада. Мислам дека нивниот фаворит ќе биде албанската опозиција, дали во оваа коалиција ќе има место и за Максим Димитриевски и ЗНАМ ќе видиме. Верувам дека конституирањето на власта ќе оди многу брзо, но она што е предизвик се прашањата кои остануваат отворени, односно надминување на главните предизвици.
Новата Влада во иднина ќе мора да бара решенија на предизвиците и прашањата кои се провлекуваат со години. Од една страна се корупцијата за која мора да се бара решение, а од друга страна се и преговорите за членството во Унијата – итакнува домашниот аналитичар Петар Арсовски. Воедно Арсовски за Фактор истакнува дека е очекувано новата влада да бара нови, поразлични решенија за надминување на „кочницата“ за влез во Европската унија. Според него, обид за промена на условите сигурно ќе се бара.
– Сигурно дека новата Валда ќе бара ново решение кое ќе биде подобро за нив, секако во насока да се зачува довербата од електоратот. Сигурно дека тоа решение ќе биде поразлично од она што досега се предлагаше, но не сум сигурен дали тоа решение ќе биде прифатливо за Европската унија, а особено за Бугарија. Верувам дека ќе има обид, но сепак, е тешко де се прогнозира што ќе биде и дали тој предлог ќе биде прифатлив за унијата – истакнува Арсовски.