На 6 април во КСП Центар – Јадро во Скопје беше промовирана новата сликовница „Девојчето со форичката“. Оваа книга за деца објавена од книгоиздателството „Светулка“ е напишана од Ева Камчевска а илустрирана од Наташа Андонова. Тема на книгата е пријателството и справувањето со емоциите, особено негативните, како страв и љубомора. Пораките за толеранција кон другите и себеси се пренесени преку топлата приказна за две до неодамна неразделни другарки кои се соочуваат со низа предизвици, од разводи на родители до разбирање на потребите да се прави нешто одвоено. Новиот збор „фор-ичка“ во името на книгата доаѓа од комбинација на зборовите фор-мула и кол-ичка, бидејќи главниот лик е девојче со хендикеп кое користи инвалидска количка и следи трки на „Формула 1“. Таткото со кој ги гледа натпреварите ја има надградено количката со елементи на формула.
При претставувањето на книгата, промоторката Ана Јовковска укажа на содејството меѓу текстуалниот и визуелниот аспект на приказната, кои се надополнуваат со цел да ги внесат читателите во дејството и да ги споделат емоциите. Таа потсети на познатиот цитат од Пабло Пикасо дека „секое дете е уметник. Проблем е како да останеме уметници откако ќе пораснеме.“. Авторката Ева Камчевска објасни зошто одлучила да ја раскаже приказната во прво лице од перспектива на дете, кое се наоѓа во ситуација кога „емоциите знаат да натежнат“.

„Кога дете ги гледа работите може да ги види за прв пат. Ние ги гледаме веќе обоени со разни работи и не може да ги видиме убаво. Преку детските очи нешто може да се искуси или да се зборува за некоја тема за прв пат,“ објасни Камчевска. Поаѓајќи од постулатите на нејзината основна професија како драмска авторка и сценаристка, таа секогаш го започнува пишувањето со некој конфликт кој потоа води, ако не кон условно речено позитивна разрешница, тогаш кон катарза.
Илустрациите на академската ликовна уметница Наташа Андонова во книгата играат двојна улога, давајќи поглед од страна и пренесувајќи ги детските цртежи направени врз основа на гпс-мапи за кои се зборува во приказната. Дел од нив беа претставени на мини изложба во рамки на промоцијата во Јадро.

Андонова се согласи за важноста на детската перспектива, објаснувајќи дека „методот и начинот на игра е тоа што треба да го задржиме, да памтиме што ни било убаво, што нѐ прави радосни, што нѐ прави среќни“. На промоцијата Андонова го објасни и изборот на ликовни техники употребени при илустрирањето на книгата, со меки линии и акварелни боички чиј низок контраст го одразува и раскажувачкиот тон, со цел да се претстават промените на емотивните состојби и нивните различни амплитуди, наспроти визуелно ригиден пристап со висок контраст. Во зависност од тоа што треба да се пренесе, користени се различни стилови на цртање, меѓу кои и скици и детски.

Андонова посочи дека при подготовката на проектот биле понудени неколку текстови, при што овој оставил најсилен впечаток со самиот тек на приказната и со тоа колку ликовите се јасно дефинирани, особено како се прикажани односите родител-дете, преку едноставно кажување за многу тешки теми, како разводот во семејството, понекогаш со една реченица. Особено важен е приказот на решенијата за фрустрациите, преку бегства или преку креативноста.
„Сите тие работи силно влијаат да го почувствуваш текстот, особено за креативноста… Ги има сите амплитуди, дека самата креативност бара изолација. Имаме тука пауза кога таа треба да ги разработи тие емоции, како го открива својот свет постепено. Така во текстот има поттик што те води понатаму како да го замислиш и ликот и она несвесното, чувството што те води како да ги замислиш ликовите,“ објасни Андонова. Извор: Новинска агенција МЕТА