„Матица македонска“ ја објави новата поетска книга на истакнатиот македонски поет Ефтим Клетников, насловена „Misa solemnis“. Во оваа книга, Клетников е насочен кон светот на чистите идеи и се застапува за богат и повеќестрано прифатлив поетски исказ.
– Во „Misa solemnis“, Клетников се стреми кон радикално поместување на смислата на зборовите и остварува рефлексивна поетска мисла од необични споеви, пресврти и слики. Во поезија на овој знаменит македонски писател истовремено се одигруваат драмите на зборот, искушението на свеста и опфатот на законите на имагинативната игра. Вешто ги обединува сугестијата и мислата, сознанието и емоцијата, човековата желба и говорот на тајните. Богатата поетска мисла на поетот претставува убав спој меѓу традицијата и модерните светски тенденции, истакнува поетот и книжевен критичар Раде Силјан во рецензијата за новата поетска книга на Клетников. Во новите песни, како што е нагласено во рецензијата, Ефтим Клетников ја претпочита вербата во јазикот со своите семантички, идејни и версификаторски карактеристики и се вградува во традиционалните шеми на позитивизмот.
– Особено внимание посветува на формата на песната. Секоја песна во новата стихозбирка на Клетников претставува своевиден документ за времето на нејзиното настанување. Тој ја прифаќа метафориката што е необична за самиот творечки процес. За него „поезијата е плуг што го преорува времето, со цел во длабинските слоеви неговата земја црница да се најде одозгора“. Тргнувајќи од овие поставки на Осип Мандељштам поетот се стреми кон нагласено прифаќање на поетската одредба со свој оригинален и препознатлив белег и живот. Оваа негова постапка нуди суштински изрази и придонесува за поместување и разгранување на јазикот, посочува Раде Силјан.
Ефтим Клетников (1946) остварува влог во македонската општествена стварност како поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и книжевен преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на голем број поетски книги, книги со есеи и и критика и на книги за деца, како и на исклучително значајни препеви од руски, француски, словенечки, српски, хрватски, словачки јазик. Меѓу другите, на македонски јазик ги препејува и: Пушкин, Лермонтов, Расин, Валери. Добитник е на повеќе книжевни награди. Неговата поезија е застапена во голем број антологии и преведена е на неколку јазици. Клетников има оставарен значаен влог за македонската поезија и нејзината меѓународна афирмација и како некогашен директор на Струшките вечери на поезијата. Новата поетска книга на Клетников, „Misa solemnis“, веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“, каде што се достапни и други негови книги, меѓу кои и обемниот избор од неговото поетско творештво насловен „Пурпурна јанѕа“.
Матица македонска