„Лирџетот“ со кој сега располагаме не ги исполнува потребите на државата и има многу трошоци за негово сервисирање, бидејќи веќе не се произведуваат резервни делови. Затоа користиме репарирани делови и од 2017 година до денеска по основ на сервиси се потрошени околу четири милиони евра што не би бил случај за нов авион. Кога би оделе на некои подолги патувања, би ни требал поголем авион со најмалку 14 седишта, за разлика од овој што има шест. Со еден збор, „Лирџетот“ е премал“, рече Томовски во интервју за „Канал 5“.
Тој рече и дека претходната влада сакала да набави нов авион и била во напредна фаза на преговарање со различни производители, но тоа го криела од јавноста.„Ние се одлучивме да искомуницираме со јавноста и сметам дека јавноста треба да биде запознаена што планираме. На крајот на краиштата авионот не останува за директорот или за премиерот, туку останува за државата. Ќе гледаме да предвидиме средства за набавка на авион со новиот буџет бидејќи овој не го дозволува тоа. Би сакале да допреговараме со јавноста, да собереме и понуди за лизинг на авион, да купиме нов или половен. Сите опции ќе ги извадиме на маса за да видиме што е најдобро и најекономично“, рече Томовски и додаде дека набавката на нов владин авион би чинела од 20 до 50 милиони евра.