Живееме во време кога глобалните предизвици во енергетскиот сектор стануваат сè поголеми. Токму затоа, Македонија треба и мора да одговори со јасна стратегија и стабилна правна рамка. Покрај значењето на нормативен акт, новиот Законот за енергетика кој го подготви Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е и темел за долгорочна енергетска стабилност и одржлив развој на нашата земја. Со овој закон, Македонија во целост ќе го усогласи своето законодавство со европските директиви и дополнително ќе воспостави нови механизми за зајакнување на енергетската безбедност, привлекување инвестиции и подобрување на условите за граѓаните и стопанството. Подготовката на Предлог – законот се спроведе во инклузивен процес со учество на државните институции, енергетските компании, стопанствениците, експертите и граѓанскиот сектор. Процесот траеше повеќе месеци, а фокусот беше на создавање флексибилна, предвидлива и правично регулирана енергетска рамка. Организацијата и реализацијата на пишувањето на текстот на законот во ваква форма, како модел и добар пример, кој низ досегашната пракса на пишување на закони од областа на енергетиката не е применуван и познат, наиде на општа прифатеност и се воспостави како можност за размена и усогласување на ставови, потреби и интереси на сите чинители. Овој приод како новина преставуваше вистинска алатка за транспарентност и учество на заинтересирани субјекти, слободно кажано изградивме консензуален модел за соработка, кој ќе даде добар пример и во други области.
Енергетска безбедност и стабилен пазар Една од клучните цели на новиот закон е да обезбеди сигурност и стабилност во снабдувањето со електрична енергија. Со јасни регулативи за инвестиции во нови енергетски капацитети, вклучително и складирање на електрична енергија, овој закон ќе овозможи поефикасно управување со производството и потрошувачката. Балансирањето на енергетскиот систем и развојот на инфраструктурата за пренос и дистрибуција ќе гарантираат стабилни и конкурентни цени на електричната енергија за домаќинствата и индустријата. Дополнително, Законот овозможува зголемена регионална соработка, подобро управување со енергијата и поволни услови за инвестиции, што ќе придонесе за стабилни цени и поголема сигурност во снабдувањето со електрична енергија. Со ова, Македонија добива стабилен и усогласен систем и отвора можности за побрзо вклучување во регионалниот електроенергетски пазар преку механизми како „market coupling“ односно, пазарно спојување.
Една од позначајните новини која се воведува со измените во Законот за енергетика е тоа што операторот на електропреносниот систем, МЕПСО, ќе премине под надлежност на Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси.
Оваа промена има за цел да создаде посилен институционален капацитет за управување со електропреносната мрежа, да ја зголеми ефикасноста на мрежата и да ги забрза сите неопходни реформи. Со интеграција на МЕПСО во Министерството, државата ќе има поголема контрола врз стратешките проекти и нивната имплементација, како што е модернизацијата на далекуводите и подобрување на интерконекциите со соседните земји. Воедно, со овој потег се создаваат поголеми можности за подобрување на процесот на дигитализација и автоматизација на енергетскиот систем, што ќе придонесе за побрзо откривање на проблеми, намалување на загубите во преносот и подобра услуга за крајните корисници. Спроведување на енергетската политика Енергетската политика на државата ќе се спроведува преку имплементација на Стратегијата за развој на енергетиката, Интегрираниот национален план за енергија и клима и други стратешки документи кои се во согласност со долгорочните климатски и економски цели на државата. Во оваа насока е и законската обврска на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини за годишното планирање на енергетските објекти. Врз основа на овој план, ќе се издаваат овластувања за изградба на нови електроенергетски капацитети, со што ќе се обезбеди контролирано и одржливо проширување на енергетската инфраструктура. Заклучок Со новиот Законот за енергетика, Македонија добива сигурна и современа енергетска рамка, која ќе овозможи стабилност, поголеми инвестиции во обновливи извори, енергетска независност и заштита на потрошувачите, особено на ранливите. Со ова законско решение ја градиме иднината заснована на сигурна, достапна, одржлива и зелена енергија, амбиент во кој граѓаните и стопанството ќе можат да ја почувствуваат придобивката од модерната енергетска политика. Сања Божоновска, министерка за енергетика