Новиот директор на ФБИ, Кеш Пател, им порача на вработените во Федералното биро за истраги да не одговараат на контроверзниот имејл испратен од Агенцијата за владина ефикасност на Илон Маск, во кој се бара сите вработени во федералната администрација да напишат што работеле минатата недела, јавуваат американските медиуми. Во пораката се бара од вработените да ги наведат своите достигнувања во последната недела. Последниот потег на администрацијата на Доналд Трамп и неговата десна рака Илон Маск, е насочен кон нивните напори за намалување на трошоците во федералната влада. Имејлот наиде на жестоки реакции кај вработените во американската федерална администрација. Милиони административци, меѓу нив и вработените во ФБИ и разузнавачката агенција ЦИА добија 48 часа да објаснат што работеле. Крајниот рок за одговор е наведен како понеделник во 23:59 часот. Во објава на „Икс“, Илон Маск напиша дека оние административци кои нема да одговорат на пораката, ќе се смета дека даваат отказ. Ова предупредување го немало во пораката која била испратена до државните чиновници.
Но, директорот на ФБИ Кеш Пател, кого Сенатот го потврди на функцијата пред три дена, го отфрли барањето од Маск, отворајќи го првиот конфликт меѓу високи функционери во администрацијата на Трамп. ФБИ, според информациите кои ги објавија медиумите, барало дополнителни насоки од Министерството за правда на САД за следните чекори. Американските административци да одговорат што сработиле за една недела, во спротивно ќе фрчат откази
Исто така, обвинителот Џон Дурам, највисокиот федерален обвинител во источниот округ на Њујорк, исто така испратил порака до својот персонал да се воздржи, според „Еј-би-си“. „Се разбира, поголемиот дел од нашата работа е чувствителна на спроведувањето на законот (покрај многу класифицирана работа), па дури и ако се претпостави дека ова е легитимно, ќе треба да бидеме внимателни како ќе одговориме на оваа истрага. Како што е наведено, крајниот рок не е до 23.59 часот во понеделник, така што имаме доволно време“, напиша Дурам во писмо до вработените. Последната необична директива од тимот на Маск внесе ново чувство на хаос низ загрозените американски државни агенции.