Министерството за дигитална трансформација денеска информира дека достапни се две нови услуги на Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk, кои се однесуваат на Министерството за внатрешни работи. Како што посочуваат од Министерството, станува збор за многу користени потврди за моторни возила кои се употребуваат во прометот – Потврда за моментална сопственост на моторни возила за физички лица и Потврда за поседување на моторни возила за одреден временски период за физички лица (историјат за возило).
Овие две услуги отсега се достапни во електронска форма и истите можат да се употребуваат во правниот промет. Нивното добивање е достапно и во центрите за услуги на Министерството за дигитална трансформација во Скопје (Центар), Аеродром, Куманово, Тетово, Јегуновце, Битола, Охрид и Штип.
– Дигитализацијата на овие нови услуги на Националниот портал е значаен чекор напред во насока на транспарентност и ефикасност на институциите. Со нивното дигитализирање, граѓаните добиваат ефикасна услуга, јасен увид во постапките, намалувајќи ја можноста за злоупотреби и зајакнувајќи ја довербата во јавната администрација, соопштуваат од Министерството за дигитална трансформација.