Новоизбраниот претседател на Романија, Никушор Дан ќе положи заклетва на 26 мај (понеделник) во 12 часот по локално време на заедничка пленарна седница на двата дома на Парламентот, објави веб-страницата HotNews.ro. Според процедурата, по објавувањето на конечните резултати од вториот круг од претседателските избори од страна на Постојаниот изборен орган, резултатите од изборите ги потврдува Уставниот суд.
„Доколку не се случи ништо вонредно, ќе има седница на Уставниот суд в четврток напладне, на која ќе бидат потврдени резултатите од изборите и јас ќе положам заклетва пред Парламентот, најверојатно во понеделник напладне“, изјави Никушор Дан на телевизијата Б1. Со оглед на тоа што во моментов функционира привремена влада, се очекува тој да ги свика парламентарните партии на консултации и да назначи нов премиер.