Нова студија на истражувачите од Универзитетот Алто во Финска сугерира дека владите, меѓународните организации и истражувачите можеби значително го потцениле бројот на луѓе кои моментално живеат на планетата Земја, бидејќи повеќето бази на податоци не го вклучуваат процентот на луѓе кои живеат во руралните области, кои тешко се следат и регистрираат. Студијата на фински истражувачи, објавена во списанието „Nature Communications“, која анализираше пет од најчесто користените глобални бази на податоци за населението – WorldPop, GVP, GRUMP, LandScan и GHS-POP – покажа дека официјалната вкупна популација од 8,2 милијарди на планетата Земја потенцијално не вклучува 53 до 84 отсто од руралното население.
Утврдено е дека дури и најсигурните збирки на податоци од 2010 година го потценуваат руралното население за 32 до 77 отсто, а истражувачкиот тим рече дека има силна причина да се верува дека истите грешки навлегле и во подоцнежните глобални бази на податоци за населението од 2015 и 2020 година, објави „Ифл Саенс“. „За првпат, нашата студија дава докази дека значителен дел од руралното население може да недостасува во глобалните бази на податоци за населението“, рече авторот на студијата Јосијас Ланг-Ритер, кој исто така е истражувач на Универзитетот во Алто. Студијата ги истакнува проблемите со начинот на кој се собираат податоците за населението од руралните области, особено во земјите во развој, како и регионите погодени од кризи и неиндустријализираните области. Како пример, се наведува дека базите на податоци GRUMP и WorldPop користат сателити за следење на населението, регистрирајќи ноќни светла, но дека оваа техника има потенцијал да ги игнорира областите кои немаат електрична енергија.