„Прецизните правила значат поголема ефикасност за институциите, за правдата и за законите, ќе ја зацврстат нашата меѓусебна координација и ќе креираат една силна институционална алатка повеќе за борба со сите форми на криминал и корупција со кои се среќаваме секојдневно. Со потпишување на овој Протокол ги поставуваме темелите на доверба и соработка, каде што заедничката цел е јасна – успешно откривање и докажување на кривичните дела и нивните сторители и ефикасно спроведување на кривичната постапка.“, нагласи министерот Тошковски.
Министерот Тошковски образложи дека документот утврдува јасни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители, во активностите што се преземаат за откривање и гонење на сторители на кривични дела, а во исто време треба да го подобри функционирањето и ефикасноста на кривичниот прогон како дел од кривично-правниот систем. „Ова не е само правен документ, туку и знак на волја за заедничка акција, заснована на доверба, транспарентност и отчетност.“, нагласи министерот Тошковски на чинот на потпишувањето.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски ја потенцираше оперативната вредност на Протоколот.
„Протоколот не е некаква политичка декларација, туку оперативен план заснован врз нашите закони за кривична постапка. Ги поедноставува процедурите за соработка, обезбедува јасност во сложените случаи и ја засилува координацијата во посебните мерки за истрага. Нашите институции се соочуваат со високо софистицирани форми на криминал и овој Протокол ќе ни помогне да се адаптираме и да се соочиме со тие предизвици, “, потенцираше обвинителот Коцевски.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, кои учествуваа во креирањето на овој Протокол нагласи дека МВР и Јавното обвинителство влегуваат во нова фаза на соработка во која ќе се реализираат придобивките од овој протокол. „Овој чекор ќе го засили делот на спроведување на кривичната постапка, ќе има видлив оперативен ефект и ќе поплочи патот кон заеднички обуки и практики. Стандардно оперативните процедури и практични алатки ќе овозможат многу поефикасна борба со сложените криминални случаи, корупцијата, организираниот криминал, финансиските криминали и сајбер криминалот.’, потенцираше амбасадорот Вал.