Владата на Норвешка ќе додели 10 милијарди норвешки круни, или околку 939 милиони американски долари за снабдување и тренирање на украинска воена единица, пренесува Киев Индепендент.
-Норвешка стои заедно со Европа во поддршката за Украина – политички, економски и воено. Зајакнувањето на копнените сили е од витално значење за Украина и затоа за 2025 година, одвојуваме 10 милијарди круни за таа цел.” изјави норвешкиот министер за одбрана, Туре Сандвик за време на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина. Владата предложи и надополнување на воената асистенција за Украина со дополнителни 50 милијарди круни оваа година, со што целокупната поддршка за 2025 година од Норвешка ќе достигне 85 милијарди круни, или околу 7.9 милијарди долари.
Според Блумберг, Норвешка исто така, му се придружи на Обединетото Кралство за заеднички пакет воена помош за Украина од 585 милиони долари. Велика Британија ќе придонесе 350 милиони фунти (455 милиони долари), додека Норвешка ќе обезбеди 100 милиони фунти (130 милиони долари) преку Меѓународниот фонд за Украина предводен од Обединетото Кралство. Тој пакет вклучува поддршка за поправка на претходно испорачана опрема, радарски системи, противтенковски мини и стотици илјади беспилотни летала. Претходно оваа недела, Осло, исто така, посвети 454 милиони долари за набавка на артилериски гранати за Украина.