Норвешка, како членка на НАТО, ќе продолжи да доставува гориво за бродовите на американската морнарица, соопшти норвешкиот министер за одбрана Торе Сандвик, откако приватна компанија за снабдување со гориво повика да се прекине снабдувањето поради влошените односи меѓу САД и Украина. – Видовме извештаи во кои се изразува загриженост за поддршката за бродовите на американската морнарица во Норвешка. Ова не е во согласност со политиката на норвешката влада. Американските сили ќе продолжат да ги добиваат залихите и поддршката што им е потребна од Норвешка, рече Сандвик во официјалното соопштение.
Сандвик реагираше откако норвешката приватна компанија Халтбакк Бункерс објави дека нема да снабдува бродови на американската морнарица. Одлуката беше донесена како одговор на начинот на кој беше третиран украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Белата куќа во петокот. Извршниот директор на компанијата Гунар Гран потврди за норвешкиот весник „ВГ“ дека донеле одлука да не ја снабдуваат американската војска. Сепак, тој додаде дека одлуката ќе има само симболичен ефект, бидејќи компанијата нема постојан договор со американската страна.