Поради пораст на материјалните трошоци, повеќе од две децении непроменети фиксни тарифи, како и сè поголем број нотарски канцеларии низ државата, од Нотарската комора предлагаат зголемување на цените за одредени услуги. За ваквите предизвици разговарале и со Министерството за правда, каде што побарале измени во законската регулатива.
Тарифата за заверка на документи, која изнесува 100 денари, е непроменета последниве 27 години, информираат од Комората. Нотарите посочуваат дека во рамки на оваа сума е невозможно да се издаде и обработи платен налог, да се изготви и достави решение, да се архивираат документи за период од три години, а потоа да се постапи и со нивното уништување.
Нотарската комора бара и враќање на старите законски решенија според кои на еден нотар би требало да има најмалку 20.000 жители, како и ревидирање на задолжителното учество на адвокатите во процесите пред нотарите.Нивните барања вклучуваат и корекција на надоместокот за одредени теренски активности без соодветно покривање на трошоците. „Ние работиме задачи на терен без ниту материјално, ниту финансиско признание. Очекуваме барем овие ангажмани да бидат соодветно вреднувани. Ако се зборува за зголемување од 100% – тоа значи од 100 денари на 200 денари. За споредба, Куманово има 70.000 жители, а работат 14 нотари, кога според критериумот би требало да се четири или пет. Слична е состојбата и во Скопје, каде што има 70 нотарски канцеларии на 660.000 жители“, потенцираат од Комората.