Модернизацијата опфаќа унапредување на постоечките боеви глави и развој на нови, посoфистицирани системи на оружје.Дополнително, СИПРИ предупредува дека глобалната контрола на вооружувањето е во опаѓање, а појавата на напредни технологии – како што се вештачката интелигенција и сè поголемото воено присуство во вселената – дополнително ја менуваат нуклеарната рамнотежа. Извештајот ја отвора дилемата дали светот е на праг на нова нуклеарна трка, овој пат поттикната не само од геополитички тензии, туку и од технолошка револуција што ги надминува постоечките механизми за надзор и безбедност.
Глобален нуклеарен капацитет – ситуација во 2025 година
Вкупниот број на нуклеарни боеви глави во светот се проценува на 12.241, од кои 9.614 се во воени резерви подготвени за потенцијална употреба.
- Во моментов 3.912 боеви глави се распоредени на проектили или во авиони.
- Околу 2.100 боеви глави се во состојба на готовност за балистички ракети.
- Повеќето од овие боеви глави им припаѓаат на САД и Русија, но СИПРИ истакнува дека Кина можеби веќе држи дел од своите боеви глави подготвени за ракети во мирнодопски услови.
- Ханс Кристенсен од СИПРИ предупредува дека ерата на намалување на нуклеарното оружје, која започна по Студената војна, сега е завршена и се заменува со време на проширување и модернизација на арсеналот.
Кина: амбициозни планови до 2035 година
СИПРИ наведува дека Кина би можела да ја достигне бројноста на ИЦБМ ракетите (интерконтинентални балистички проектили) на Русија или САД до крајот на деценијата, иако вкупниот број на нејзини боеви глави веројатно ќе остане помал.Проекциите покажуваат дека Кина до 2035 година би можела да располага со 1.500 нуклеарни боеви глави – што сепак претставува приближно една третина од арсеналот на САД и Русија.
Преглед на нуклеарните арсенали на другите земји
-
Русија: 5.459 боеви глави (најголем арсенал)
-
САД: 5.177 боеви глави
Заедно, Русија и САД поседуваат околу 90% од светското нуклеарно оружје. Иако бројките остануваат релативно стабилни, двете земји спроведуваат обемна модернизација, што потенцијално може да го зголеми нивниот арсенал во иднина.
-
Франција: 290 боеви глави (без промени)
-
Обединетото Кралство: 225 (без промени)
-
Индија: зголемување на 180
-
Пакистан: 170 (стабилно)
-
Израел: се проценува дека има околу 90, иако официјално не го признава поседувањето нуклеарно оружје
Северна Кореја – продолжување на развојот
Северна Кореја, како сојузник на Кина, интензивно го продолжува развојот на својот воен нуклеарен програм. Според извештајот, Пјонгјанг моментално располага со околу 50 нуклеарни боеви глави, а има доволно фисионен материјал за производство на уште околу 40 дополнителни, што може значително да го забрза понатамошното проширување на нејзиниот арсенал.
Во 2024 година, Јужна Кореја изрази загриженост дека Северна Кореја е во завршна фаза на развој на тактичко нуклеарно оружје. Сепак, некои проценки укажуваат дека Пјонгјанг веќе поседува такво оружје, а постојат и ставови дека токму тоа е главниот фактор што ја спасил Северна Кореја од судбината на неколку други држави – меѓу кои, според некои анализи, наскоро би можел да се најде и Иран.
Потсетување: САД – единствената земја што го употребила нуклеарното оружје
Како што секогаш се напоменува кога станува збор за нуклеарното оружје – САД остануваат единствената држава во историјата што го има практично употребено. Во Втората светска војна, нуклеарната бомба фрлена врз Хирошима усмрти до 146.000 луѓе, со експлозивна сила од 15 килотони.
Колку е разорно нуклеарното оружје?
Нуклеарното оружје е дизајнирано за да предизвика максимално уништување. Обемот на штетата зависи од повеќе фактори – големината на боевата глава, висината на детонација, теренските услови и густината на населението. Но, дури и најмалата нуклеарна боева глава може да предизвика масовни загуби на животи и долготрајни последици.

Непосредно по детонацијата, се јавува заслепувачки блесок, огромна огнена топка, како и ударен бран што руши згради и ја уништува инфраструктурата во радиус од неколку километри. Ретко кој би преживеал во епицентарот на нуклеарната експлозија.За споредба, денешните нуклеарни боеви глави можат да надминат сила од 1000 килотони, што е над 60 пати посилно од бомбата фрлена врз Хирошима.