Обвинетиот Елвин Куртовиќ призна вина за убиството на 59-годишниот бизнисмен Васил Ефтимов, кое се случи на 20 август минатата година кај трговскиот центар „Мавровка“. Куртовиќ, кој издржувал казна затвор, но бил пуштен на викенд и не се вратил во затворот „Идризово“ изрази жалење за стореното и пред Судот кажал дека неколку дена бил под дејство на дрога, јавува Телма.
-Не сум добро ниту емотивно, ниту психички. Изразувам каење за кривичното дело. Не сакав да го убијам, се случи несреќа. Бев под дејство на дроги неколку дена, навистина. Претходно лежев за ситни дела во споредба сега со ова. Многу ми е жал, тоа е се што имам да кажам – рече Куртовиќ.
Тој не призна вина за другите две дела „нелегално поседување оружје“ и „обид за убиство“. Неговата адвокатка Софија Лаличиќ побарала најблага можна санкција.
-Точно, мојот клиент уби човек. Но барам да им погледнеме на фактите во очи, а тоа е дека во нашата држава се случуваат многу кривични дела затоа што надлежните институции не си ја извршуваат задачата – рече Лаличиќ.
Ефтимов тоа утро заедно со сопругата се нашол на кобното место за да завршат некои приватни обврски. Но, бил убиен со пиштол „глок“ среде бел ден. Од официјалните информации што досега се соопштени, главен протагонист во грозоморниот чин е триесет и деветгодишниот Елвин Куртовиќ, кој, наместо во затворот „Идризово“, од април годинава, бил на улица. На тесниот паркинг-простор кај „Мавровка“ ги пресретнал сопружниците, го убил Ефтимов со пиштолот, а на жената ѝ ја украл торбата со лаптоп и избегал со „ауди“ без регистарски таблички. На местото на убиството пристигнало и второ возило „ситроен“ со белгиски регистрации, а крадењето продолжило. Дошол уште еден избеган осуденик од затворот „Скопје“ во Шутка и од багажникот на возилото на сопружниците украл гајба со рачен алат и избегал. Сето ова се случувало пред очите на жената, а како главен мотив се соопштува дека е „користољубие“. Поконкретно, сопружниците воделе бизнис и двајцата биле сопственици на две фирми.
Наводно крадците барале злато, но ниту нашле, ниту, пак, сопружниците во моментот на убиството носеле со нив злато. По убиството, вториот осомничен за помагање во грабежот, Адем Куртовиќ „ситроенот“ го ставил во Гази Баба и се качил во „аудито“ на осомничениот за убиство. Но, во Чаир полицијата ги пресретнала. Додека едниот возел, Елвин Куртовиќ излегол од совозачката врата и пукал кон полицајците, кои сакале да го запрат. Четворицата полицајци испукале неколку предупредувачки куршуми во воздух и успеале да го приведат осомничениот за убиството. Вториот успеал да им избега, но набргу сам се пријавил во полициската станица „Пролет“.