Обвинителството има преземено доволно дејствија, сите наводи на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо се неосновани, изјави денеска јавната обвинителка Жаклина Крстевска- Јосифовска, откако Палевски побара нејзино изземање од случајот, но и на целото скопско обвинителство. Според обвинителката, очигледно е дека обвинетиот Љупчо Палевски поднесеното барање за изземање го искористи да ги изнесе сите свои наводи кои што начелно му одат во поткрепа на негова одбрана.
Прашана во однос на наводите во барањето за изземање дека обвинетиот Боре Видевски поседувал оружје, но обвинителството не прибавило доказ за тоа, Крстевска рече дека обвинителството ги има обезбедено сите докази и истите се приложени во листата на докази. – Сите дејствија се преземени од страна на обвинителството, изјави обвинителката. Во однос на изјавата од бранителот на Палевски, дека останатите обвинети преговарале со обвинителство, Крстевска рече дека ниту еден бранител не разговарал со обвинителството надвор од преземањето на службените дејствија.
– Многу чудно е како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи кои што се само за обвинителството, а не се доставени ниту на увид, ниту на одбраната примерок, па многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста, изјави Крстевска-Јосифовска. Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, на почетокот на денешното рочиште, побара изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и целото ОЈО Скопје во случајот поради несоодветно спроведена истрага.