„Ниту една казна не е доволна за семејствата на жртвите“.
Со оваа порака обвинителката Ана Стоилковиќ Димитровска ги заврши завршните зборови и побара казна доживотен затвор за сите обвинети за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска во завршните зборови од судскиот процес за двете свирепи убиства рече дека Обвинителство ги имало предвид исказите од одбраната на обвинетите, но не ги зело предвид, оти не се совпаѓале со доказите.
– Можеме да претпоставиме колкаво било страдањето на детето со четворица непознати. Кои ја носат некаде, потоа ѝ поставуваат прашања и ја убиваат. Самиот факт дека таа е дете од 14 години е доволно за доживотен затвор.Јавноста се прашуваше зошто е убиена Вања.
Но за да се докаже нечија вина доволни се други факти, мести, време, дејствија. Мотивот не е нужно да се утврди. Тој е субјективен однос на злосторникот кон делото. Отсуството на мотив не е причина некој да не биде осуден.
Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. Дополнително ги трауматизираат фамилијата и јавноста со нивните негирања на доказите и со манипулациите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор.Одземање живот на дете не се толерира – заклучи обвинителката
Правните застапници на оштетените семејства на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во судот се изјаснија дека ги прифаќаат во целост завршните зборови на Обвинителството, кое побара доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев.
Адвокатата рече дека мајката Зорица и сестрата Миња се приклучуваат кон кривичното гонење и поднесуваат писмено барање за отштета за нанесена нематеријална штета.
Кон кривичниот прогон се придружија и ќерките на 74-годишниот Панче Жежовски, кои како и Зорица, бараат нематеријална отштета за душевна болка и за опоравување.
Следните рочишта се закажани за 18 и за 20 јуни кога треба да почнат завршните зборови на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.