По повеќемесечна предистражна постапка во предмет што во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција беше оформен по иницијатива на ДКСК, а по кој по наредби на обвинителството постапуваше Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во текот на вчерашниот ден и денес беше спроведена акција. Во акцијата што под раководство на јавен обвинител се спроведуваше на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево се лишени од слобода 11 лица. Меѓу осомничените се Васко Ковачевски кој е во бегство, бизнисмените Ратко Капушевски, сопственик на фирмата РКМ, Асмир Јахоски, сопственикот на Пуцко Петрол, Ерџан Сулкоски, партнер со Куштрим Смајлај кој е зет на Али Ахмети, Никола Стојановски, Емил Пецаков, Марија Нешовска, Благица Марковиќ, Ружди Рамадани, Душица Сеизовска Јовановиќ, Добрила Стефаноска и Данчо Стојановски.
Во намерата со умисла им помогнале осомничените вработени во АД Електрани на Северна Македонија – Скопје, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки, спроведувајќи постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ. Со непочитување на начелата на сразмерност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори, иако знаеле дека правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат Договори за јавна набавка во корист на истото и му овозможиле да испорачува мазут се до 24.02.2023 година.
Паричните средства кои осомничените ги прибавиле со кривичното дело, а кои претставуваат противправно остварена имотна корист од спроведена постапка по јавен повик на АД Електрани Северна Македонија – Скопје, во периодот од месец декември 2021 година до месец април 2023 година ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото. Со дел од средствата купиле две моторни возила„Mercedes Benz“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Воедно, врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000,00 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на ,,позајмица’’ кон своето правно лице. Имајќи ги предвид околностите и тежината на стореното дело, јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на пет лица да им биде определена мерка притвор, од кои за едно лице мерката да се примени по неговото пронаоѓање. Едно лице осомничено и во предметот „Адитив“ веќе се наоѓа во притвор, додека за останатите осомничени се предложени мерки за обезбедување присуство.