Скопското Обвинителство ја повикува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да биде сослушана oд страна на обвинител за заканите кои ги добива по живот откако обелодени низа дивоградби на територија на Општина Чаир.
„Основното јавно обвинителство Скопје постапува по доставено известување од СВР Скопје и издаде повеќе наредби по кои веќе се преземаат дејствија. Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал. Во однос на заканите, Министерството за внатрешни работи е орган директно надлежен за заштита на животот на граѓаните, како и за откривање и спречување на тие што го загрозуваат. Основното јавно обвинителство Скопје е на располагање преку дежурен јавен обвинител, веднаш без одлагање, доколку сака градоначалничката, да ја сослуша за сите сомненија, сознанија и закани и да ги провери сите околности.“, велат од ОЈО Скопје по прашање на „Слободен печат“ дали досега јавен обвинител обезбедил докази од општина Чаир (документи) поврзани со тоа што го зборува градоначалничката на Скопје Данела Арсовска дека градоначалникот на Чаир Висар Ганиу заедно со службеници од општината кои се службени лица, доставиле фалсификувани документи во Агенција за катастар на недвижности а после кои достави на документи зградите биле легализирани иако не би била можна таа легализација.