Jaвното обвинителство инсистира сите политички партии да запрат да ја злоупотребуваат во политички цели истражната постапка во предметот „Феникс“, во кој четворица осомничени завршија во притвор, а меѓу уапсените беше и поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Владимир Тодоровиќ.
Во тој контекст, од таму тврдат дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавниот обвинител кој постапува во предметот, иако станува збор за случај поврзан со Скопје 2014 кој датира многу одамна, се отвора сега затоа што, како што велат од таму,.се чекало на клучен доказ. Во меѓувреме, велат од таму, Тодоровиќ бил уапсен на скопскиот аеродром, откако МВР тоа го дојавил до Обвинителството.
„Имено, доказот што беше неопходен во оваа кривична постапка – материјално-финансиското вештачење, што по наредба на предметниот обвинител го изготви судски вештак, е примено на 01.06.2023 година. До јавниот обвинител документот е доставен на 05.06.2023 година. По негово проучување, во корелација со претходно обезбедените докази, на 12.06.2023 година јавниот обвинител до МВР веќе достави Наредба со насоки за подготовка на сите потребни мерки за реализација на кривичниот предмет.
На 29.06.2023 година околу 11 часот, јавниот обвинител телефонски беше известен дека едно од осомничените лица е запрено на граничен премин во обид да ја напушти државата. Поради тоа, итно беше неопходно да започнат процесни дејствија соодветни на обидот за напуштање на државата, кој факт беше образложен од предметниот јавен обвинител и на одржаната прес конференција. Според тоа, јавниот обвинител очигледно не можел да знае кога некое од осомничените лица ќе биде запрено при обид да ја напушти државата со што ќе иницира неопходност за брзо дејствување.
Воедно, Јавното обвинителство ги осудува сите обиди за јавна лична дискредитација на обвинителот кој максимално посветено и професионално постапува во предметот“, велат од ОЈО.Во истрагата на обвинителството „Феникс“ опфатени се 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои еден италијански државјанин и три италијански компании. Сите се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење на пари за изработка на најголемите споменици од „Скопје 2014“.
Воинот на коњ, спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Методија Андонов – Ченто, Цар Самоил, Гемиџиите, Цар Јустинијан, прво заседание на АСНОМ и споменик за основачите на ВМРО и лавовите.Покрај Тодоровиќ, вчера на граничниот премин Табановце приведен е и Владимир Здравев, поранешен претседател на Советот на општина Центар. Обвинителот потврди дека било побарано нивно приведување според проценка дека може да избегаат од земјава.