Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против 37-годишен маж за кривично дело – обид за убиство. Во врска со истиот случај, обвинителството поднесе обвинителен предлог и против уште едно лице за помагање на сторителот по извршено кривично дело. Инцидентот се случил на 10 декември 2024 година во селото Мирковци, каде обвинетиот, поради нерешени финансиски односи, односно долгови, се обидел да ликвидира друго лице. Заедно со соучесникот пристигнале со такси пред домот на жртвата, а потоа го повикале да излезе надвор. Кога жртвата се појавила на влезната врата, првообвинетиот извадил пиштол и испукал еден куршум директно кон него.
Среќата го спасила оштетениот – тој навреме ја забележал опасноста и се повлекол зад вратата која автоматски се заклучува. Куршумот завршил во ѕидот, веднаш до рамката од вратата. Во обид да го доврши нападот, напаѓачот почнал да тропа и удира со нога по вратата, но кога не успеал да влезе, двајцата обвинети побегнале од местото на настанот. Второобвинетиот подоцна го презел пиштолот од првообвинетиот, а веќе на 23 декември 2024 година со истото оружје извршил друго кривично дело – предизвикување општа опасност. Тој веќе е осуден по признание на вина на 22 јануари 2025 година. Јавниот обвинител побара продолжување на притворот за првообвинетиот, додека неговиот соучесник останува во притвор сè до правосилноста на пресудата што му е изречена за второто дело. Извор: Новинска агенција МЕТА