Во урбаниот дел на Општина Ѓорче Петров завршени се градежни активности за реконструкција на дел од најстарите и најоштетени улици во населба Дексион, на кои како што тврдат оттаму, повеќе од пет децении не е вршена санација. Станува збор за улиците Црногорска 2, Љубин, Александар Македонски и Андреј Зограф, односно, вкупно се асфалтирани 1.110 метри и над 5.000 квадратни метри површина, за што вкупно се инвестирани 4.900.000 денари.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека реконструкцијата на овие улици претставува исполнување на едно од главните барања на жителите на населбата Дексион и уште еден конкретен чекор во реализацијата на програмата за подобрување на локалната инфраструктура. Вложуваме во рамномерен развој на општината, со посебен фокус на деловите кои со години биле заборавени. Реконструкцијата на овие улици не е само инфраструктурен зафат, туку враќање на достоинството на оваа заедница – изјави градоначалникот.