Европската комисија одреди 1,3 милијарди евра за проекти од областа на вештачката интелигенција, сајбер безбедноста и дигиталните вештини. Објавен е првиот пакет на претстојни повици во рамки на програмата „Дигитална Европа“, информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на денешната прес-конференција. На овие конкурси ќе можат да учествуваат компании, јавната администрација и други субјекти од земјите-членки на ЕУ и ЕФТА, како и од трети земји кои се дел од „Дигитална Европа“, меѓу кои и Северна Македонија. Со ова, Европската комисија има одредени 1,3 милијарди евра за проекти од областа на вештачката интелигенција, сајбер безбедноста и дигиталните вештини.
„Денес имам можност да ве известам за една одлична прилика која во соработка со Европската унија, а овозможена од Министерството за дигитална трансформација ја нудиме за претставниците на приватниот сектор (малите, средните и големите претпријатија), стопанските комори, академските институции од сите нивоа, невладиниот сектор и јавните институции“, истакна Андоновски. Владата веќе втора година овозможува учество на заинтересираните за оваа програма. Андоновски посочи и дека сите заинтересирани страни е потребно да испратат елаборат до министерството со потребните податоци кои се објавени на веб страницата на МДТ и да се испратат на адресата [email protected], најдоцна до 3 мај 2025 година.
„Дозволете да ги информирам заинтересираните дигитални иновациски хабови дека денес Министерството го распиша Јавниот повик за заинтересираните дигитални иновациски хабови за учество во консолидацијата на мрежата на Европски дигитални иновациски хабови (EDIHs) со засилен фокус на вештачка интелигенција (ВИ). Финансирањето на ЕДИХ доаѓа од 50% кофинансирање од Програмата за Дигитална Европа, а за останатите 50%, апликантите треба да обезбедат одржливи извори за кофинансирање“, додаде министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Повеќе информации за повиците може да се најдат на овој линк. Извор: Новинска агенција МЕТА