Учениците кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава или директно да поднесат хартиена пријава во ученичкиот дом. Министерството за образование и наука (МОН) го објави конкурсот за прием на ученици во некој од 17 јавни ученички домови низ државата. Учениците кои ќе ги исполнат условите ќе добијат сместување и исхрана. Право на прием во јавните ученички домови имаат ученици кои се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2025/2026 година, кои се државјани на Македонија, кои се запишани на наставен план и програми кои не се застапени во општината/регионот односно градот Скопје каде ученикот има постојано место на живеење.
Услов е и училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз, односно училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз. „Учениците кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена oвде или директно да поднесат хартиена пријава во ученичкиот дом. Рокот за пријавување на учениците кои се запишани во I, II, III и IV година почнува од 25 јуни година и трае до 10 јули. По објавување на списоците со рангирани ученици по домови, учениците имаат право на приговор во рок од 3 дена кој се поднесува во Министерство за образование и наука“, информираат оттаму. Извор: Новинска агенција МЕТА