Скопје, мај 2025 – Фондацијата Метаморфозис и Мрежата против дезинформации за Балканот (АДН-Балканс), во соработка со меѓународни и регионални партнери, го објавија документот за позиција „Патоказ за заштита на демократијата од информациски закани“. Овој документ е резултат на интердисциплинарен процес на консултации, вклучувајќи ја и меѓународната конференција „Заедно за вистината“ одржана во Скопје во април 2025 година. Патоказот претставува стратешка рамка за отпорност кон дезинформациски кампањи и манипулативни влијанија, кои претставуваат сериозна закана за демократските институции и процеси, особено во регионот на Западен Балкан.
Во документот се идентификувани пет клучни приоритети за справување со информациските закани:
- Сеопфатен пристап на целото општество – активна вклученост и координација на институциите, медиумите, граѓанскиот сектор, академијата и приватниот сектор.
- Координирана акција – синхронизирано дејствување на национално, регионално и европско ниво.
- Сразмерен буџет – инвестиции одговарачки на оние на антидемократските актери.
- Паметно и стратешко делување – реакција заснована на аналитички пристап и разбирање на целите на дезинформациските кампањи.
- Единствена регионална стратегија – заеднички пристап на земјите од Западен Балкан за справување со заканите во согласност со ЕУ интеграциите.
Меѓу приоритетите се и: заштита на изборниот интегритет, регулација на дигиталните платформи, демонетизација на дезинформациите и унапредување на медиумската писменост.
Патоказот повикува на усогласување со европското законодавство, особено Законот за дигитални услуги и Европскиот закон за медиумски слободи, како и на активна улога на донаторите и меѓународните организации во поддршка на единствена регионална стратегија.
„Само преку координиран, долгорочен и инклузивен пристап можеме да изградиме отпорност кон информациските манипулации и да го заштитиме правото на граѓаните да носат информирани одлуки“, изјавуваат од Фондацијата Метаморфозис. Документот е достапен за јавно разгледување на: https://metamorphosis.org.mk/izdanija_arhiva/patokaz-za-zashtita-na-demokratijata-od-informaciski-zakani/