Од короната наваму, постојано сме во некакви орочени „замрзнувања“ на цените. Од една до друга криза. Од еден до друг празник. Државата ни ги уредува и рабатите и маржите. И бидејќи и тоа не е доволно, во бесмислената битка самоиницијативно се вклучува и народот, со еднодневен бојкот на маркетите, во надеж дека цените ќе паднат, а платите и пензиите, нормално, само ќе ни растат. Во пресрет на утрешниот ден (петок, 31 јануари), кога е закажан бојкот на маркетите – чија цел е наводно да им се зададе ако не смртен, тогаш барем симболичен удар на „алчните трговци“ кои ги кренале цените „до небо“ за да остваруваат „високи профити“ – би сакал, почитувани читатели, да го свртам вниманието на реалните состојби во оваа област.
Трговијата е област во која се преплетуваат интересите на многу општествени субјекти: ние граѓаните сакаме добро снабдени маркети со ниски цени, производителите сакаат што поскапо да ги продадат своите производи, државата сака да си ги лапне давачките, вработените во маркетите сакаат пристојни плати и услови за работа, а сопствениците и да остварат профити. Сите интереси се легитимни, а во општествата со пазарна економија, нема подобар регулатор на различните и на спротивставените интереси од пазарот. Оние кои ги разбираат овие базични постулати, ги повикувам да прочитаат една симплифицирана, но во основа точна анализа за тоа како еден производ „патува“ од производителот (добавувачот) до потрошувачот во маркетите и што се случува со цената на производот на тој тежок пат. Мојата анализа се темели на лесно проверливиот податок дека цената по која трговецот ги набавува производите изнесува околу 80% од продажната цена, оперативните трошоци на маркетите се околу 18%, а чистиот профит е просечно околу 2%. Рабат и маржа не е исто! Значи, да земеме за пример еден производ кој во маркетот се продава по цена од 100 денари. Трговецот од добавувачот го купува по цена од 80 денари. За да биде анализата малку пооптимистична, ќе ја спуштиме т.н. влезна цена на 75 денари.