Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја нарече денешната средба со високите американски претставници во Саудиска Арабија „сериозен чекор напред“. Двете страни во заедничко соопштение објавија дека Украина начелно го прифатила американскиот предлог за прекин на огнот, кој САД сега треба да ѝ го претстават на Русија. Сибиха истакна дека средбата е напредок на патот кон мирот и во зајакнувањето на стратешкото партнерство меѓу Украина и САД, додавајќи: „Ова е резултат на искрен, отворен и конструктивен дијалог“.
Тој им се заблагодари на американскиот државен секретар Марко Рубио, на советникот за национална безбедност Мајк Валц и на нивните саудиски пријатели. Исчекорот во разговорите претходно го поздравија и американскиот претседател Доналд Трамп и претставниците на Европската унија, а официјална Москва соопшти дека „не исклучува контакти со американските претставници“ во следните денови.