Се случија промени во Одборот на директори на Телеком, на предлог на главните акционери во компанијата. Досегашни неизвршни членови на Одборот на директори беа разрешени и на нивно место се именувани нови, на седница на Собранието на акционери која се одржа во петокот минатата недела. За тоа беше известена инвеститорската заедница преку Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
Најновите промени се дека на предлог на доминантниот акционер Камени мост комуникации, кој поседува 51 отсто од акциите на компанијата, на петочната седница на акционерското Собрание, од независни неизвршни членови на Одборот на директори на Телеком биле отповикани Лубор Жатко од Словачка и Данијела Бујиќ од Германија, а на нивно место се именувани Золтан Переслењи од Унгарија и Горан Марковиќ од Црна Гора.
Нивниот мандат ќе стартува од први јуни годинава и ќе трае четири години. Инаку, пред неколку дена објавивме дека Собранието, на предлог на Владата, како еден од акционерите во компанијата, ги отповика Игор Милев, Нина Ангеловска, Бардул Насуфи, Шкодране Дарлишта, Аќиф Медиу, сите од позициите независни неизвршни членови на Одборот на директори на Друштвото, а потоа Собранието на Друштвото ги избра Сашо Димитријоски, Иван Митровски, Марин Алексов, Даниела Кржовска, Нусрет Зиба и Сеад Арслани, за независни неизвршни членови на Одборот на директори на Друштвото. Мандатот на сите нови членови почнува од 30 мај 2025 година, и ќе трае 4 години.
Како што е познато, Владата поседува 33.364.875 обични акции во Македонски Телеком, што претставува 34,81 отсто од вкупниот акционерски капитал. Овој пакет вклучува и една преференцијална (златна) акција со номинална вредност од 9.733 денари, која ѝ дава на Владата едно гласачко право и посебни права согласно Статутот на компанијата.
Главниот акционер во Македонски Телеком е Stonebridge Communications AD Скопје, кој поседува 51 отсто од акциите. Останатите акции се распределени помеѓу Македонски Телеком АД, кои ги поседува компанијата во форма на сопствени акции и тоа 10 отсто, Сава пензиски фондови со 0,97 отсто, IFC со 0,76 отсто и други малцински акционери со 2,46 отсто.
Златната акција што ја поседува Владата е непренослива и ѝ овозможува посебни права, како што се правото на вето во одредени стратешки одлуки на компанијата, што ја задржува нејзината улога во корпоративното управување на Македонски Телеком.Телеком е една од најуспешните македонски компании.