Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека јавноста моментално гледа циркус пред локалните избори и рече дека градоначалниците утврдувањето за тоа што е дозволено со закон да се гради, а што не, треба да го прават цел мандат, а не само пред избори.
-Добро е секој еден во Македонија да си ја работи работата за којашто зема плата. Општините да вршат контрола на нивни надлежности од аспект на тоа што е дозволено со закон да се гради, што не е дозволено со закон за да се гради, добро е тоа да го прават цел мандат, добро е да го прават од почеток додека трае мандатот. Добро е граѓаните на крајот откако ќе истече тој мандат да дадат оценка за тоа како ја сработиле работата во претходните четири години- рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања. Тој смета дека актуелните случки и „препукувања“ помеѓу градоначалниците се, како што вели, циркус и парада пред локалните избори.
-Ова што го гледа македонската јавност е исклучиво само циркус и парада пред локални избори. Да беше во рамки на првите година дена, ќе беше за поздрав, и ќе беше навистина искрено, го препознава народот тоа, овој народ препознаав кога нешто е искрено и препознава кога нешто е заради циркус- рече Тошковски. Во однос на заканите што ги добила Арсовска, министерот рече дека МВР подеднакво одговара на сите пријави за сериозни закани, доколку се утврди дека тие се реални и за нив е потребно да се реагира, за што постои определена процедура која институција на кој начин реагира за овие закани.
-Доколку, од страна на било кого, спрема било кого, бидат преземени сериозни закани и тоа истите бидат пријавени до Министерство за внатрешни работи, а согласно законски и подзаконски акти биде утврдена потреба по преземање одредени дејствија во рамки на надлежности на МВР, ве уверувам дека ние веднаш ќе ги преземеме. Има процедура како се утврдува дали постои сериозна закана, како Министерството треба соодветно да реагира, како Обвинителството треба да реагира, како судот треба да реагира на таков тип дејствија што се преземаат како процесни дејствија во рамки на сите чекори, рече Тошковски. Градоначалничката Данела Арсовска и премиерот Христијан Мицкоски изминатиот период постојано разменуваат пораки преку јавноста. Арсовска бара реакција од институциите за нејзина заштита поради тоа што трпи закани, а Мицкоски ја охрабри да го пријави случајот во полиција. Исто така, Арсовска утрово, преку Фејсбук се обрати до премиерот, обвинувајќи го дека не постапува и дека му дозволил на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, нелегално да легализира дивоградби, порачувајќи дека нема да се откаже ниту да се повлече иако добива закани.