Десетици илјади луѓе се собраа во Истанбул за да протестираат против притворањето на градоначалникот Екрем Имамоглу, клучниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, во најголемата манифестација на незадоволство меѓу Турците во последната деценија. Стотици илјади Турци ги послушаа повиците на опозицијата и излегоа на улиците во градовите низ земјата, откако Имамоглу беше приведен минатата недела под обвинение за наводна корупција. Протестите се главно мирни, но досега се приведени речиси две илјади лица, пренесува Ројтерс.
Републиканската народна партија (ЦХП) на Имамоглу, најголемата опозициска политичка групација, заедно со остатокот од опозицијата, групите за човекови права и западните држави, веруваат дека случајот против Имамоглу е од политичка природа, обид да се елиминира изборната закана за Ердоган. Владата го отфрла ова, тврдејќи дека тоа не влијае на судството и дека судовите се независни. Десетици илјади демонстранти денеска, вооружени со турски знамиња и пароли, пристигнаа на брегот во областа Малтепе, на азиската страна на најголемиот турски град. Митингот „Слобода за Имамоглу“ беше организиран од ЦХП.