Одбраната на Љупчо Палевски-Палчо, првообвинетиот за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, вели дека ги нема видено пораките екстрахирани од телефонот на нивниот клиент, а кои сугерираат дека тој планирал од Турција преку Минск да замине за Москва. Адвокатот Јовица Страшевски, кој е еден од двајцата бранители на Љупчо Палевски-Палчо, првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски / Фото: Архива
Овој момент произлезе од денешното рочиште од судскиот процес за двојното убиство, на кое обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска презентираа докази од телефонската комуникација на првообвинетиот Палевски. Според она што беше усно презентирано во една од комуникациите, на 27 ноември, денот кога била убиена Вања, во 8:30 часот е регистриран повик во траење од девет секунди кон број во Турција. Потоа, како што наведе Крстевска-Јосифовска, Палевски на 2 декември, кога веќе бил во Турција, наводно за лекување, добил порака од неговиот домаќин таму, извесен Хусен, кој го информирал дека му резервирал авионски лет за Минск, Белорусија. Исто така, како што наведе таа, Палевски преку порака од Турција му пишал на извесен Драган, кој бил во Москва дека на 5 декември планира да стигне во главниот град на Русија и барал од него да му помогне, односно да му организира превоз од аеродром. „Видете, тоа што денеска го кажа Обвинителството ние како доказ го немаме. Јас таков доказ немам видено и такви пораки. Да ги видиме, па можам да ги искоментирам“,
рече адвокатот Јовица Страшевски, кој заедно со Марјан Витанов ја сочинуваат одбраната на првообвинетиот Палевски. Ова Страшевски го кажа во изјава за медиумите по денешното рочиште, прашан за коментар на наводите на Обвинителството кои одат во спротивна насока од она што го тврди обвинетиот дека дека во Турција заминал за да се лекува. Во однос на дополнителните докази што денеска Обвинителството побара да бидат изведени на главната расправа, адвокатот на Палевски вели дека Законот за кривична постапка (ЗКП) не предвидува Обвинителството да може во оваа фаза од постапката да доставува ваков вид докази. „Зошто Обвинителството доколку ги имало во предистражната постапка не ги навело бројчињата. Вака остава простор, како што кажав и на самото судење, да доставуваат нешто што отпосле го прават. Еден доказ што сега ни го доставија велат дека го имале за време на истражната постапка. Обвинителниот акт со листата на докази е поднесен лани во август, а овој доказ е обезбеден во ноември 2024 година“,
рече Страшевски. Палевски пред почетокот на денешното продолжение на главната расправа повторно побара изземање на обвинителите кои го застапуваат предметот. Освен за обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска, првообвинетиот Палевски бара изземање и на шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски. Тој пред судот рече дека сега бара изземање за тројцата обвинители поединечно под нови околности и причини, односно пристрасност во водењето на постапката. „Новата околност и причините се фалсификување податоци за да можат да изготват фалсификуван доказ за телефонска анализа, а со цел нивниот сведок Ерол Османи под заклетва пред судот да изнесе невистинити податоци”,
рече Палевски на денешното рочиште.
Тој во поткрепа на барањето наведе десет, како што ги нарече, докази од кои, според него, се гледа дека во извештајот од телефонска анализа за позицијата на неговиот телефон според базни станици има празни полиња кои се однесуваат на неговото движење на 22 ноември 2023 година, денот кога е убиен Панче Жежовски и од 28 ноември истата година. Прашан за барањето за изземање на обвинителите, Страшевски изјави дека досега не е изведен ниту еден доказ за движењето на Палевски според зрачењето на неговиот телефон на базните станици во критичните денови кога се извршени убиствата. „Точно е тоа што Палевски го кажа, во критичните денови во листата на докази за критичните денови недостасуваат податоци од базни станици. Како може за сите да има, а за Палевски да нема е необјасниво. Еднаш кажав пред вас медиумите, а сега би повторил дека според мое лично искуство ова е најнеспремен предмет што сум го работел досега, а е поднесено од Јавното обвинителство“,вели адвокатот. На денешното рочиште, меѓу другото, без изведени материјални докази кои се однесуваат на предмети поврзани грабнувањата и убиствата. Од денешното рочиште од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот, Панче Жежовски / Фото: „360 степени“ Меѓу изведените докази беа предмети што биле пронајдени и земени од местата каде беа најдени телата на Вања и Панче, зградата каде што била грабната, како и извештаи и анализи од предметите пронајдени во возилата „ситроен“ и „рено кангу“.
Обвинителката Крстевска Јосифовска наведен дека при извршен увид на 5 декември 2023 година на возило „рејнџ ровер“ се пронајдени јакна која обвинетиот Влатко Кешишво ја носел на местото на настанот, вреќа во која починатиот Панче Жежовски бил закопан. „Лопата и други предмети, црната вреќа со голем куфер, црната вреќа со мал куфер, средна вреќа со две перничиња и тепих се предмети што се подигнати од извршениот увид на местото каде што е пронајдено телото на починатата Вања“ рече обвинителката. Следното рочиште, на кое треба да биде познато дали Судот ќе ги прифати дополнителните докази на Обвинителството, судијата Ивица Стефановски го закажа за 21 февруари, односно за следниот петок. За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кој се гони за помагање. Сите петмина на почетокот на судскиот процес во октомври лани се произнесоа дека не се чувствуваат виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.