Како сопственик и директор на компанијата се појавува Јане Јанчески, чие име не е познато во јавноста. Но, ако малку повеќе се истражи, може да се забележи дека тој и не е толку непознат. Јанчески моментално е во притвор за страшните случувања во Кочани. Податоците што ги откривме уште покажуваат дека тој е и заменик-директор на Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ), а како директор се јавува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип, за кој во јавноста се зборува дека индиректно е поврзан со Агенцијата за обезбедување. Всушност, тие двајцата работат заедно цело време. од Fokus 13.05.2025
На 16 март во Кочани се случи најстрашната трагедија, која досега се случила во историјата на Македонија, каде што во пожар, во дискотека загинаа 62 млади луѓе. За само два часа, ова мало гратче се претвори во мртов град. Починаа седуммина од музичарите на бендот ДНК, кои таа кобна вечер ги забавувале младите во Кочани, но починаа и малолетници, како и млади од 18 до 45 години, а повредени беа повеќе од 200 луѓе. Сѐ на сѐ, страшен хорор, кој зацрни бројни семејства. Таа трагична ноќ, задолжени за обезбедувањето за време на свирката била токму агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Всушност, таа агенција цело време ја обезбедувала дискотеката, во која сигурно како и таа ноќ, и секоја друга биле пуштани малолетници да се журкаат. Но, трагедија се случува еднаш. Токму тој 16 март внатре на свирката на ДНК биле пропуштени повеќе од 30 малолетници, од кои шест од нив починаа, додека, пак, 25 беа повредени. За тој дел од вината се припишува на обезбедувачите од Агенцијата, кои дозволиле малолетни лица да бидат таму по полноќ. Од нив дел се во притвор, за што потврдија и од Јавното обвинителство.
„Во истрагата од Агенцијата за обезбедување се осомничени вкупно шест лица, сопственикот и управителот. Потоа, овластеното лице на подружницата во Кочани и уште тројца вработени. Исто така, осомничено е и едно лице што не било вработено во Агенцијата, но било ангажирано за обезбедување и плус правното лице“, се наведува во одговорот од Обвинителството. Засега, тие се водат како осомничени од „Рубикон“, но каков ќе биде крајниот исход, ќе покаже времето. Да се потсетиме која е Агенцијата за обезбедување и кој управува со неа. Историјата е позната. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија на бизнис-пазарот фигурира нецели три години, поточно од 5 септември, 2022 година. Како сопственик и директор на компанијата се појавува Јане Јанчески, чие име не е познато во јавноста. Но, ако малку повеќе се истражи, може да се забележи дека тој и не е толку непознат. Јанчески моментално е во притвор за страшните случувања во Кочани. Податоците што ги откривме уште покажуваат дека тој е и заменик-директор на Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ), а како директор се јавува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип, за кој во јавноста се зборува дека индиректно е поврзан со Агенцијата за обезбедување. Всушност, тие двајцата работат заедно цело време.
Според податоците од Централниот регистар, ЦБИ има пет сопственици, меѓу кои Јанчески и Нацев, кој фигурира и како управител.
Меѓутоа, што значи Центар за безбедносни истражувања? Тоа е организација формирана во 2017 година и, како што пишува на нивната официјална страница, со цел да им се помогне на обичните граѓани.
„Мисијата на ЦБИ е да им помогне на обичните граѓани, но и на донесувачите на одлуки да го направат најдобриот избор при донесувањето одлука, притоа потпирајќи се на најдобрите информации. Решенијата што ги нуди ЦБИ се направени врз основа на најдобрите информации, најкредибилните методи и најдобрите експерти во одредената област“, се наведува во описот на нивната веб- страница. Сепак, каде се гледа неговата поврзаност со актуелната Агенција за обезбедување? Компанијата „Рубикон“ според адресата е лоцирана на улицата Христо Татарчев бр. 79 во скопската населба Кисела Вода, на истата адреса каде што се наоѓа и Центарот за безбедносни истражувања, со кој управува токму Нацев од ВМРО-ДПМНЕ. Тука доаѓаме до првата конкретна поврзаност на вмровецот од Пробиштип со актуелната фирма.
ОДЗЕМЕНА ЛИЦЕНЦА
„Фокус“ дојде до неофицијални информации дека лиценцата на Агенцијата и е одземена, за што побаравме потврда од Министерството за внатрешни работи. „Ве известуваме дека веднаш по настанот од страна на ОВР Кочани е иницирана управна постапка за одземање на дозволата за работа на агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Врз основа на барањето од страна на Одделот за граѓански работи, Сектор за оружје, експлозивни и опасни материи, агенции за обезбедување и детективска дејност донесено е решение за одземање на дозволата за работа на наведената агенција“, информираат од МВР во изјава за „Фокус“. Во моментот тие сѐ уште се членки на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување и тоа ќе трае се додека до нив не пристигне официјален допис за да може да се отпочне понатамошната процедура. Тамам компанијата се разработи, за што покажуваат и податоците на Бирото за јавни набавки, пожарот во Кочани им го запре бизнисот. Тие само неколку дена пред кобната ноќ добиваат тендери за обезбедување на неколку средни училишта во Скопје.
Ирена МУЛАЧКА