Добивката на „Макпетрол“ за 2024 година е микс на два генератори на приходи. Прво, успешната оптимизација на менаџментот во работата на компанијата што ја зголеми оперативната добивка за 37 отсто во однос на 2023 година. Второ, голем раст на финансиските приходи (пред се од дивиденди на вложувања во акции) што најголемата македонска компанија за трговија на мало со нафтени деривати ги поседува, пред се, во ОИЛКО и во Комерцијална банка. Остварената добивка остава простор акционерите, кои во најголем дел се и вработени во „Макпетрол“, годинава да очекуваат дивиденда што ќе биде рекордна односно највисока во нивната досегашна корпоративна историја. Најголемата македонска компанија за трговија на мало со нафтени деривати „Макпетрол“ лани оствари одличен финансиски резултат. Добивката за 2024 година изнесува 17,26 милиони евра и е за 38 отсто повисока од профитот во претходната година. И овој резултат е остварен во услови кога приходите од продажба се зголемени за 2 отсто, а вкупните оперативни трошоци се задржани на исто ниво од претходната година.
ОДЛИЧНИ ВЕСТИ ЗА АКЦИОНЕРИТЕ НА „МАКПЕТРОЛ“, ДОБИВКАТА НАДМИНА 17 МИЛИОНИ ЕВРА! Колкава ќе биде дивидендата?
Вредноста на неговите вложувања во хартии од вредност на крај на 2024 година изнесува над 47 милиони евра. „Макпетрол“ за добивката во 2024 година на државата и издвоил данок на добивка во вредност од 1,5 милиони евра. Од билансот на состојба е евидентно дека „Макпетрол“ лани ја зголемил вредноста на главнината за 24 отсто во однос на 2023 година. Исто така и вредноста на резервите е зголемена за 20 отсто. Вкупно вредноста на главнина и резерви изнесува 150 милиони евра и е зголемена за 19 отсто за период од една година. Вреди да се истакне и тоа што „Макпетрол“ нема кредитни обврски ниту на краток ниту на долг рок. Неговите обврски спрема добавувачи на крај на декември 2024 година изнесувале 12,7 милиони евра, а останатите краткорочни обврски биле 9,5 милиони евра.