Митингот на кој повика партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој требаше да биде реакција на протестот кој беше одржан од страна на студентите на 15 март, дефинитивно е одложен, објавија српските медиуми. Иако сè уште нема официјална потврда, собирот нема да се одржи во петок, 28 март, како што претходно најави српскиот претседател.
Ги покануваме сите работници, селани, чесната Србија на најголемиот собир во историјата на Србија на 28 март во Белград, рече Вучиќ на 10 март. Сепак, контра-собирот нема да се одржи. На вработените во јавниот сектор не им биле дадени “специјални” работни задачи, автобуските линии сè уште работат редовно, а листите на квоти сè уште не се појавиле. Нов датум не е на повидок, но неофицијално може да се слушне од круговите блиски до СНС дека собирот ќе биде одложен за втората половина на април.