Денеска (11.06.) во Центарот за обука при МВР во Идризово во рамки на проектот, односно заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа за „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија“ беше одржана работилница посветена на – Јакнење на капацитетите на полицијата за заштита на новинар(к)ите: Безбедност, родово засновано насилство и онлајн вознемирување.
На работилницата експерти-консултанти при Советот на Европа во неколку работни сесии ги презентираа досегашните нормативни, процедурални и практични искуства во заштитата на слободата на изразување првенствено низ призмата на институционално делување а согласно стандардите и препораките на Советот на Европа и практиките на Европскиот суд за човекови права. Слушателите на обуката, пак, припадници на повеќе организациони единици на МВР во доменот на односите со јавноста, имаа можност преку интерактивен концепт на комуникација да ги изложат професионалните искуства, како и идеи и предлози во насока на надградување и унапредување на концептот на заштита на новинарите и заштитата на правото на слободно изразување.
Исто така, на работилницата беше презентирана и кампањата на Советот на Европа – „Новинар(к)ите се важни“ од страна Националното контакт лице Мухамед Исмаиљи, помошник на министерот на Одделот за односи со јавноста и стратешки прашања при МВР на РСМ, при што беше нагласено дека во иднина ќе се работи на формирање на Националниот комитет за безбедност на новинарите којшто ќе изработи Национален акциски план за безбедност на новинарите, во соработка со Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје. Воедно како директен продукт на работилницата ќе бидат назначени и локални контакт лица при Секторите за внатрешни работи како дел од системско функционирање во насока на заштита на новинарската професија и интегритет.
Инаку се планира овој вид на едукации да продолжат и во наредниот период и напоредно со тоа преку заемна соработка на сите инволвирани институции со поддршка од нашите партнери од ЕУ и Советот на Европа да се интензивираат напорите за градење на соодветен систем што ќе овозможи ефикасна заштита, односно безбедност во остварување на новинарската професија и превенција од родово базираното насилство и разновидните облици на онлајн воизнемирување.