Скопје, 29 април 2025 – По повод Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април, Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) и Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) организираа Форум за интелектуална сопственост, кој се одржа во петокот во едукативниот центар на Халкбанк. Настанот ги обедини експертите и практичарите од областа на интелектуалната сопственост, членките и партнерите на двете организации, како и претставници од релевантни институции и граѓански организации – создавајќи простор за отворена и продуктивна јавна дискусија за вредноста, предизвиците и можностите поврзани со интелектуалната сопственост во дигиталната ера, како и за поттикнување конкретни чекори за унапредување на заштитата на интелектуалната сопственост во земјата.
Форумот за интелектуална сопственост беше отворен со поздравни обраќања од Јелена Арсовска, Извршен директор на Американска стопанска комора во Северна Македонија и Виктор Стојкоски, Генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија, по што следуваше панел дискусија и работа во различни работни групи.
Преку панел дискусијата насловена „Вредноста на интелектуалната сопственост“ и работните групи, беа отворени прашања за правната рамка за заштита на правата за интелектуална сопственост, актуелните и потенцијални механизми на соработка за заштита на правата на интелектуална сопственост, емитувањето на авторски содржини во дигиталниот простор, сивата економија во е-трговијата и правата за интелектуална сопственост при онлајн купување, како и улогата на интелектуалната сопственост во одржливиот развој на бизнисите.
Дискусијата во секоја работна група се однесуваше на актуелната состојба, предизвиците и можните решенија во избраните области, а преку истите се заклучи дека е потребно да се иницираат законски измени и подобрувања на регулативата, да се унапреди соработката и координацијата помеѓу институциите, да се работи на понатамошно развивање на институционалните капацитети, да се спроведува континуирана едукација на граѓаните, бизнисите и институциите, како и да се подигне јавната свест за штетноста од повредите на правата од интелектуална сопственост. Притоа, учесниците нагласија дека интелектуалната сопственост е тема на која треба да се работи континуирано и заеднички и изразија отвореност за соработка на идни иницијативи на овие теми.
Врз основа на искуствата и препораките споделени на овој форум, АЕТСМ и АмЧам, во координација со релевантните институции и организации, во периодот што следи ќе спроведуваат активности насочени кон надминување на предизвиците со кои се соочуваат различните чинители во системот за заштита на интелектуалната сопственост и во делот на намалувањето на сивата економија во делот на е-трговија иницирана од нарушената интелектуална сопственост.