Поттикнати од јавните бранувања, објавите по медиумите и социјалните мрежи и од неодамнешните јавни собири во врска со назначувањето на митрополит на Дебарско-кичевската епархија, до верниците се обрати Братството на Свештениот Бигорски Манастир со молба до нив да не биде изгубено од вид она што е, како што велат, над сè: единството на нашата Света МПЦ-ОА.
Сосема е разбирливо што постојат различни мислења и чувства во Црквата, кои јавно се изразуваат. Секој поискусен духовник би го разбрал тоа како конструктивна дебата внатре во семејството, каде што членовите се љубат и кога мислат различно и се спорат околу нешто. Сепак, за тие теми постојат и други начини: Светиот Синод, внатрецрковен дијалог и советувања со засегнатите страни. Потоа, во духот на плурализмот кој го негува Црквата, не треба да биде исклучена појавата на јавни дебати, конструктивни дијалози, испитување на јавното мислење и слично. И сето тоа со доверба во Божјата промисла и најважно од сѐ со почит кон канонскиот поредок, се вели во соопштението од Бигорскиот манастир.
Оттаму додаваат дека никогаш не се стремеле кон човечки височини и признанија, туку кон височините на духот и дека затоа, не чувствуваат ниту навреда, ниту понижување. Во овие мигови, кога се очекува синодска одлука, најпотребно од сè е да ја засилиме нашата молитва, имајќи ја пред очи големата слика, а тоа е натамошниот духовен напредок на МПЦ-ОА и мирот меѓу сите нејзини чеда. Нека нашето однесување биде смирено и достоинствено, а нашата вера уште понепоколеблива, велат од манастирот.