Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека денеска од болниците во Скопје на домашно лекување ќе бидат пуштени 12 пациенти од вкупно 39 пациенти кои се лекуваат во земјава од пожарот кој изби во нелегалната дискотека „Пулс“ во Кочани. Од оние кои се лекуваат во странство, денеска се очекува еден пациент да се врати од Белград и да продолжи неговото лекување во Скопје. Во странство продолжуваат да се лекуваат 115 пациенти. Министерството за здравство е во координација постојано во болницата во Кочани да има пластични хирурзи за понатамошно лекување на оние на кои им е потребно. Исто така, веќе пристигнале понуди од странство за пациентите на кои ќе им треба долгорочна рехабилитација.
Од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, во критична состојба остануваат четири до пет пациенти. – За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде овие пациенти се лекуваат, се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период, рече Таравари на прес-конференција. Од болниците во земјава, како што посочи, на Детска хирургија нема да има пациенти, а остануваат пациенти на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за токсикологија. Во Градската болница „Св. Наум Охридски“ ќе останат на лекување шест пациенти. Директорот на Клиниката за токсикологија доктор Андон Чибишев појасни дека храбриот пациент Јован Костадинов, кој спаси 21 живот враќајќи се внатре во дискотеката повеќе пати, веќе е испишан на домашно лекување со препорака да се врати на преглед. Кај него имало вдишување на јаглероден моноксид, но добро реагирал на терапијата и испишан е во добра здравствена состојба.