10.8 C
Скопје
06/03/2025 19:19
МАКТЕЛ

    

Од Велес со кликови: За бизнис или за политика

      

Велешките фабрики за лажни вести кои ја преплавија американската претседателска кампања во 2016 година одамна згаснаа, но сè уште има „работилници“ кои ловат на приказни за ветерани или картички што „утре ќе вредат милиони“ – па во последниот „улов“ на лажни страници за американски патриоти, половина биле токму од овде. Ги преплавија американските конзервативци со приказни кои сакаа да ги читаат, ги искористија алгоритмите на социјалните мрежи токму за она за што се создадени, заработија, а на својот град му ја донесоа титулата „Светска престолнина на лажните вести“. Десетици медиумски екипи од целиот свет и дузина истражувачи од светски универзитети пишуваа за феноменот. Поради нив се сменија начинот на наплата на реклами и на објавување содржини на социјалните медиуми, а венецуелскиот претседател Николас Мадуро дури и ги обвини за резултатите на последните избори на кои едвај беше реизбран. Можеби не во толкав број, не толку видливо и не толку лукративно, но велешките „кликачи“, кои со вирални содржини на интернет во 2016 „му помогнаа на Трамп да победи“ сè уште се тука – поточно, присутна е културата на потрага по брза заработка на интернет. Во септември лани, во екот на претседателската кампања во САД, Форбс откри „фарми за кликови“ – Фејсбук-страници за американски патриоти. Форбс идентификувал 67 лажни (неамерикански страници кои се претставуваат како американски) страници на Фејсбук од кои 33 имале седиште во Северна Македонија. До 20 август лани сите страници вкупно имале повеќе од девет милиони следачи, што е повеќе од бројот што го има „Волстрит журнал“ или „Вашингтон пост“. Немакедонските страници, пак, биле од 23 други земји, меѓу кои и Канада, Франција, Мароко, Виетнам, Венецуела… Форбс утврдил дека голем дел од содржините биле креирани со помош на вештачка интелигенција, а откако побарале став од сопственикот на Фејсбук, „Мета“, страниците биле укинати.

Сепак, aдминистраторите кои некогаш имаа стотина сајтови за лажни вести денеска се многу помалку заинтересирани за американската политика – причината не е во новонајдена етика против лажните вести, ниту во сајбербезбедносни мерки за спречување на штетно странско влијание на социјалните мрежи – туку во тоа, едноставно, веќе одамна нема (многу) пари. Покрај спорадични страници за американска десничарска публика, кои денес повеќе се исклучок отколку правило, велешките „кликачи“, како што се познати во градот, денес се позаинтересирани за други начини на заработка, повторно преку конзервативците. Токму воените ветерани, патриоти и нивните семејства се една од целните публики за „дигитален маркетинг“ што на своите ученици им ги препорачува Мирко Чешелкоски, кој истражувањата на темата едногласно го посочуваат како основоположник на „индустријата за лажни вести“. Човекот кој што случајно „му помогна“ на Трамп да победи во првиот мандат „Самоук експерт за социјални медиуми“, како што го опишуваат во истражувањата, или „човекот кој што случајно му помогна на Трамп да победи“, како што самиот се опишува, Мирко Чешелчкоски од 2011 година одржува обуки за „дигитален маркетинг“.

Мирко Чешелковски | Фото: mirkoceselkoski.me

   

За втората титула, која во интервјуа со странски медиуми со гордост ја истакнува, вели дека му била наметната од некои новинарски екипи.„Звучеше моќно и интересно, па и ние ја употребивме во некои маркетинг кампањи“, вели Чешелкоски. Прашан за велешката „индустрија за лажни вести“ и тогашната поддршка за Трамп, Чешелкоски вели дека биле само „моментален сплет на околности“ и дека немало обиди трендот да се повтори во следните изборни циклуси, па ни во последниот. „Апсолутно не… тоа беше само момент во историјата и намерата не беше да се влијае на избори, но да се креираат вирални содржини на која било тематика. Имаше обиди за двата кандидати, но публиката на претседателот беше многу посилна, помоќна, погласна и желна да ги сподели сите тие добри информации за него, кои во најголема мера беа и вистинити, преземени од главните медиумски куќи, можеби и малку нагласени“, вели Чешелкоски. Тврди дека нема, ниту имало, организирана „велешка индустрија“ на лажни вести, особено не за политички содржини: „Нема некоја групација или заедница која функционира заеднички. Секој си тера бизнис и развива свои дигитални, комуникациски и бизнис вештини самостојно“, вели Чешелкоски, кој сè уште држи курсеви за „онлајн бизнис“. Правилата за објавување и рекламирање веќе ја сменија „велешката индустрија“ од првите избори на Трамп. Сега, „индустријата“ се менува и поради вештачката интелигенција: „ВИ ја менува нашата индустрија за дигитален маркетинг, од корен. Засега е многу корисна и заштедува многу време. Сепак, со тек на време ќе биде опасна и за новинарите како вас и за цели индустрии…“, вели Чешелкоски, додавајќи дека денес ја користат ВИ како алатка за заштеда на време и автоматизација, за забрзување на маркетинг кампањи, текстови… Можеби Мирко Чешелкоски го почна трендот со страници со вирални содржини, но еден друг млад претприемач во нив ја внесе американската политика. „Имав сајт што вработува Американци“ Ако Мирко е „нултиот пациент“ за индустријата на вирални содржини, Трајче Арсов е „нултиот пациент“ за политички содржини за американските конзервативци.

Трајче Арсов | Фото: Официјална ФБ страна: Lawyer Arsov Tale – Адвокат Арсов Трајче (facebook.com/advokatarsov)

Во 2015 година, како што самиот вели, по идеја на брат му, младиот адвокат Арсов, велешанец, го споил својот интерес за американските конзервативци со можноста да заработи на интернет, и создава еден од првите македонски сајтови за американска политика – usapoliticstoday.com. „Пред мојот сајт имаше момчиња од Велес кои имаа сајтови за друго – здрава храна, возила… уште од 2012 година. Кога се рашири тој тренд, брат ми дојде на идеја: `ти се разбираш од политика, ајде да направиме сајт за тоа`, ми рече. Јас навистина се интересирам и ја разбирам политиката во САД, која е најважна во светот. Тогаш во САД имаше и најмногу реклами и најголеми пари од реклами, а сајтот беше направен за профит. Трамп и поддршката за него беа последица, а не причина за сајтовите“, вели Арсов. Според редовните финансиски извештаи на Фејсбук, еден клик од американски корисник тогаш вредел четири пати повеќе од неамерикански. Така почнала првата фаза на создавање македонски сајтови за американската десничарска публика. „Јас и брат ми и неколку познати посериозно почнавме со креирање сајт со луѓе кои си ја знаат работата – професионални контент-креатори. Тоа беше сајт што вработува Американци. Половина од нив уште работат по познати конзервативни сајтови. Не само мојот, имаше и други кои ангажираа американски автори за американска публика. На сите сериозни сајтови целта им беше да траат, да бидат долгорочни финансиски проекти. Огромен дел од заработувачката одеше за американските автори, оти треба да им дадеш американски хонорари“, раскажува Арсов. Додека големите традиционални медиуми, според Арсов, им посветувале внимание главно на демократите, интернет-просторот изобилувал со медиуми наменети за конзервативците и ним блиски содржини – нивно „место под сонцето“. „Ние им бевме закана, конкуренција на американските сајтови. Мојот сајт стаса во топ 500 на Алекса. До тогаш имав два милиона претплатници. Нашето укинување им одговараше и на конзервативците, оти им се намали конкуренцијата“, смета адвокатот. Наскоро, младите администратори на кликбејт-сајтовите, тренд кој го почнал Мирко Чешелкоски, го прифатиле трендот што го почнал Арсов – политички сајтови. Во, за САД, изборната 2016 година велешани отвориле повеќе од 140 политички кликбејт-сајтови наменети за поддржувачите на американските конзервативци. „Многу почетници почнаа поради Чешелкоски“, вели Арсов, „ама никој не почна со политика поради него. Ниеден од првите, сериозни сајтови и страници не почна со него.“ „Трендот продолжи како лавина. `Децата` беа втора фаза. По Фејсбук-групи гледаа што `проаѓа`, правеа `копи-пејст`, и преку групите го ширеа `аутричот` – одѕивот на своите содржини. Суштината е дека тие креираа инстант-сајтови оти беше лесно. Луѓе што не ни знаат што преземаат и преобјавуваат. Изворот секогаш беа американски сајтови. Велешани не креираа, само постираа“, тврди Арсов. Целта на сајтовите и Фејсбук-страниците, кои генерирале приход од реклами, според Арсов, не била да се влијае врз, туку да е заработи од американската политика. Затоа овој феномен и не завршил со изборите во 2016 година, ниту пак се повторил во следните американски изборни циклуси. „За ниеден од следните изборни циклуси не беа активни, оти никогаш и не беа во кампања. Сите сајтови кои ги затекнаа тие избори (во 2016, н.з.) продолжија да работат многу по изборите, и во 2017 година, со исто темпо. До 2018 траеше, додека Фејсбук не го укина начинот на промоција на `контентот`“, вели Арсов.

Принтксрин од интернет архивата waybackmachinе за домејнот usapoliticstoday.com и неговата активност во 2019 година

Едноставна проверка на домејнот usapoliticstoday.com на интернет архивата wayback machine покажува дека последните политички објави во корист на претседателот Доналд Трамп навистина се поставени во 2017 и 2018 година. Но, исто така покажува оти на оваа адреса имало голем број посети во 2019 и 2020 година, која исто така беше изборна година во САД. Тоа имплицира дека е можно да се споделувани по социјалните мрежи стари написи од овој сајт. Веќе во 2021 година на овој домејн е поставена сосема поинаква содржина за онлајн коцкање.

Принтксрин од интернет архивата waybackmachinе за домејнот usapoliticstoday.com и неговата содржина на 9 март 2021 година

Арсов: „Лажна беше веста за лажните вести“ Во екот на претседателската кампања во САД во 2016 година, една недела пред изборите, „БазФид“ објави дека повеќе од сто веб-страници кои го поддржуваат Трамп се водени од еден град во Македонија. Во сторијата на „БазФид“ беше цитиран написот на Новинската агенција „Мета“, која седум месеци претходно, уште на почетокот на април 2016 година, објави дека Македонци од Велес имаат отворено веб-страници кои шират написи во корист на Доналд Трамп. Бидејќи оние што ги регистрирале домејните на овие веб-страници ги немаа скриено своите податоци, Мета.мк уште тогаш контактираше петмина од сопствениците. Дел од нив рекоа дека тоа го прават за забава, дел за финансиска корист, а некои бидејќи веруваат оти Доналд Трамп ќе победи на изборите. По изборите во САД на кои навистина победи Трамп, „Базфид“ и „Гардијан“ избројаа 150 велешки сајтови, но нагласија дека „глобалната индустрија на дезинформирање“, како што ја нарекоа, ја има и во Романија, Бангладеш, Виетнам … а сферата на интерес е далеку поширока од американските претседателски избори. Откритието на „БазФид“ веднаш го направи Велес медиумска сензација. Најголемите светски и, особено, американски медиуми итно пратија свои екипи да интервјуираат млади администратори на веб-страници во Велес оттогаш познати како „кликачи“. Некогашниот индустриски град тогаш, но и во следните неколку години го посетија десетици новинарски екипи, но и дузина академски истражувачи, кои го користеа како студија на случај во научни трудови во престижни научни списанија. Медиумите добија сведоштва „од прва рака“, а Велес титулата „светска престолнина на лажните вести“. „Медиумите направија лажна вест“, категоричен е Арсов. „Првата екипа дојде со камери да снима како се прават лажните вести. Еден пријател рече, пред камера некој ќе збори? Колку плаќаат да кажам што сакаат? Триста долари – му одговорија. А нема сајт. Стои пред екран со туѓ сајт, и покажува некакви бројки за гледаност, од којзнае кој сајт“, раскажува адвокатот. Според Арсов, пред странските медиуми изјави давале сите кои биле спремни за паричен надомест да раскажат интересна приказна. „Искреираа `контент` (содржина) и сите ја преземаа приказната. Дојдоа од САД, од Британија, Норвешка, од сите можни држави. Освен од Македонија. Само еден новинар и медиум од Македонија ми се обрати да ме праша“, вели Арсов. Арсов ги обвинува странските медиуми дека ја „спинувале“ приказната за велешките сајтови и создале мит за лажни вести и „фарми на тролови“. Арсов тврди дека нивната приказна била претприемачка: „Целта беше самоодржливост и профит. Ние дневно на сајтот објавувавме и до 15-20 содржини. Е сега, од толку содржини, ќе најдеш и некоја конспиративна, сомнителна. Од 3.500 објавени содржини, најдоа четири-пет лажни вести, четири-пет најдоа и нè обвинија за лажни вести“, објаснува Арсов, правдајќи ги содржините на неговиот сајт, спротивно од сите досегашни анализи. Тој признава дека „децата“ кои се вклучиле во втората фаза со копирање и реобјавување, правеле плагијаторство, но според него „само преземале американски стории“. „Кога пукна балонот сите страници ги укинаа, ама американските сајтови останаа да работат“, додава Арсов. Тој тврди дека претставата за фарми на тролови е погрешен наратив: „Нарацијата е изместена. Сајтовите си одеа природно, ама јавноста дозна заради политичките сајтови. Ниеден од сајтовите со други содржини не настрада, оти не ни знаеја за нив. Погрешен наратив е тој за пласирање лажни вести. Тоа е најголемата лажна вест“, вели Арсов во одбрана на своите активности. Тој иако креирал страници кои се претставуваат како медиуми без воопшто да бидат такви, со прст посочува токму на медиумите, особено странските, за кои вели дека им ги „залепиле“ тврдењата за лажни вести за да имаат подобра приказна. „Имаше лоша намера! Целта беше да нè обвинат дека шириме лажни вести“, вели Арсов, додавајќи: „Имам сведоштва за плаќања, сто, двесте, триста, до петстотини долари, евра, зависи од каде е екипата. Правеа документарци, па снимки, затемнет Велес, траорна музика, децава `кукаат`‚ се нема пари… – платено за пред камера. Наместо тема за бизнис, станавме тема за рубрика криминал“, раскажува адвокатот, обидувајќи се да докаже свое гледање на приказната за „кликачите“.

Доналд Трамп, септември 2016 година | Фото: Michael VadonCC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

„Фејсбук нѝ должи – Трамп не нѝ се оддолжи“ По обзнаната за стотици неамерикански сајтови и Фејсбук-страници кои заработуваат со американски содржини, но и влијаат на јавното мислење кај американските гласачи, но особено по американската истрага за странско мешање во изборите во 2016 година, платформите на социјалните мрежи ги сменија правилата за објавување и, најважно, за пласирање спонзорирани содржини. Одеднаш беше прекинат приходот на стотици сајтови, а стотици Фејсбук-страници (т.н. „пејџови“) беа избришани. Главните актери од Велешкиот феномен, сметаат дека тие претрпеле штета, а не јавноста или социјалните мрежи, па така Арсов тврди: „И кога ги укинаа пејџовите, пак имав посети на сајтот. Но, цела инвестиција за `билдање на трафикот` (зголемување на бројот на посети) преку Фејсбук, тој ни ја украде! Тие пари дадени за промоција никому не ги врати. На сите што имаа сајтови, кога `Гугл адс` ги укина рекламите, сè што било заработено Гугл врати. Фејсбук не“, вели адвокатот. Фејсбук избриша илјадници страници и групи како дел од мерките против „координирано неавтентично однесување“, меѓусебно поврзани страници и групи кои лажно се претставувале. Дел од нив плаќале за своето рекламирање на Фејсбук. За илустрација, Фејсбук во март 2019 година поради оваа причина отстранил 2.632 страници, групи и профили од Иран, Русија, Северна Македонија и Косово. Од нив, 513 страници поврзани со Иран потрошиле околу 15,000 долари за рекламирање на Фејсбук до моментот кога биле укинати. Засега нема проценка колку Македонците потрошиле за рекламирање на Фејсбук за страниците за мамење кликови. Арсов, како адвокат, тврди дека тоа дури е основа за тужба, затоа што компанијата ги прекршила американските правила за фер-тргување и нелојална конкуренција. Сепак, повеќе жали што останала кованицата „Велес – хаб на лажни вести“. Почнавме во 2015 година и се обидовме да работиме што е можно попрофесионално, со автори, со внимавање кога бараме фотографија за илустрација да не повредиме авторски права, со проверка на содржините преку checkplagiarism.com“, ни раскажа Арсов. Тој вели дека намерата била долгорочна и дека имале силно влијание. Покрај сè, тој вели дека не манипулирале со јавноста, објаснувајќи: „објавувавме про-републикански содржини на медиум наменет за луѓе блиски до републиканците. Публиката знаеше што да очекува. Никогаш не сме глумеле неутралност. Пристрасни бевме, навивавме, не глумевме неутралност“, вели Арсов. Додава дека сè уште го поседува својот прв сајт, и повремено го обновува. Не знае дали некој од младите велешани сè уште објавува содржини, но сигурен е дека не објавува политички содржини. Вели дека во еден од документарците во кои што го интервјуирале, новинарот го прашал дали Доналд Трамп им се заблагодарил за победата. „Треба да ни се заблагодари“ – вели „нултиот пациент“ на политичките сајтови, како што го нарекоа странските медиуми.

Парада на Денот на ветераните, Вашингтон, САД, 11 ноември 2019 г. | Фото: Белата куќа, јавен домејн, Викимедија комонс

Од избори кон ветерани и трампови картички Арсов се спомнуваше и во случајот на „грабнување“ на фејсбук-страницата „Ветераните за Трамп“ во 2018 година, што го објави „Вашингтон пост“. Но, адвокатот тврди дека брат му легално ја купил страницата. Пред него, страницата, според „Вашингтон пост“, ја „грабнал“ претприемач од Куманово, кој на тогашните сопственици им ветил дека со својата фирма за маркетинг ќе им ја зголеми видливоста и бројот на посети на страницата. Подоцна, Фејсбук ја врати страницата на оригиналните сопственици. До денес нема официјални информации дали, каде и каква истрага се води за овој случај. Одговорајќи на прашања, во декември 2024 година, американската амбасада во Скопје упати одговори да се бараат кај американските истражни органи. „Амбасадата соработува со американските органи на прогонот и со платформите на социјалните медиуми за да се спротивстави на заканите по сајбер-безбедноста. Препорачуваме да се контактираат директно органите за спроведување на законот за информации за исходи или за тековни истраги. Градењето капацитети за сајбер-безбедност останува фокус на соработката САД – Северна Македонија за превенција на злоупотреба на дигиталните платформи“ гласи одговорот на Амбасадата за „Ветераните на Трамп“. Освен „грабнувачот“ на страницата „Ветераните за Трамп“, од Куманово потекнуваа неколку други оператори на фејсбук-страници со лажни вести. Меѓу нив и двајца припадници на АРМ и еден инспектор во МВР, поранешен питомец на Воената академија. Во јануари 2019 година АРМ покрена дисциплински постапки и почна да истражува кривична одговорност за своите припадници. Но, никогаш не беше утврдено дека сториле кривично дело, а за дисциплинските постапки денес нема веќе податоци. Податоците за прекршоците се избришани од евиденција „Со оглед на фактот дека станува збор за настан случен пред речиси пет години, од службената евиденција се избришани податоците во врска со постапката за утврдување на дисциплинска одговорност и за изречените дисциплински мерки. Согласно позитивното законодавство на Република Северна Македонија, по истекот на одреден временски период, од евиденциите кои се водат за изречени осуди – казни или прекршоци, се бришат податоците поврзани со изречените санкции. Аналогно на ова општо правно правило се постапува и со евиденцијата поврзана со дисциплинските мерки“, одговори Генералштабот на АРМ. Но, за утеха е што барем нема ни нови страници со лажни вести администрирани од војници. „Во однос на прашањето дали оттогаш биле забележани слични случаи на администрирање интернет страници/профили со лажни вести, Ве известуваме дека такви настани не се забележани“, стои во одговорот на Генералштабот. Нови македонски „фабрики за лажни вести“ во последните избори не забележала ни Амбасадата на САД. „Амбасадата е свесна за наводите за кампањи за дезинформирање поврзани со поединци во Северна Македонија за време на претседателската кампања во 2016 година, и се координира со другите надлежни во набљудување на развојот во областа на манипулација со информации. Како дел од координирани акции низ Владата на САД, Стејт департментот работеше на сузбивање на штетните операции, поддржани од Кремљ, за обид за влијание во изборите во САД во 2024. Ќе продолжиме да ги разоткриваме странските штетни актери кои меѓународно се мешаат и ги поткопуваат слободните и фер избори, и ќе ги повикуваме на одговорност“, одговори Амбасадата во декември 2024. Сепак, во Велес, после толку години од аферата повторно, кога Трамп е пак на власт, сè уште тлее. Во февруари лани „Радио Слободна Европа“ откри продажба на лажни „Трамп картички“, дебитни картички со ликот на Доналд Трамп на платформата Телеграм. Од 69 профили на продавачи на картичките, 45 биле лоцирани во Велес. На купувачите, американски симпатизери на републиканската партија. За волја на вистината, и РСЕ наведува дека на секој производ било нагласено дека е сувенир, а слична шема веќе употребиле три компании од Колорадо, кои продавала „Трамп коин“. Системот го нарекле „Трамп рибејт банкинг систем“ (ТРБ), и идејата била дека т.н. коини или картички купени денес, утре, ако Трамп дојде на власт, ќе вредат многу повеќе. Самиот Трамп во август лани пушти во продажба четврта серија „Трамп картички“, а неговите синови Ерик и Дон Јуниор на Телеграм водат група „World Liberty Financial“, поврзана со Трамповата криптовалута. Групата има повеќе од 50.000 членови. Инаку, Трамп продаваше и патики, маици, библии и други сувенири како дел од кампањата. Засега нема информации дали се преземаат мерки против македонските продавачи на трампови картички.„Амбасадата знае за наводите кои се однесуваат на измамнички активности. Охрабруваме претпазливост против измами и ја нагласуваме важноста на прекугранична соработка во справување со сајбер-измами. Препорачуваме да се контактираат органите за спроведување на законот за официјални информации за овој и слични случаи. Амбасадата ќе продолжи да ги поддржува тековните напори во Северна Македонија за подобрување на дигиталната писменост и зголемување на свесноста за сајбер-безбедност“, стои во одговорот на Амбасадата на САД.

Велес | Фото: Pero KvrzicaCC BY 2.0, Викимедија комонс

„Новинарството не е исплатливо – лажните вести се“ Феноменот на велешката „индустрија“ предизвика низа академски истражувања и научни трудови, но и десетици написи, прилози и документарци во медиуми низ светот. „Велешките тролови“ станаа и предмет на научни трудови во стручни списанија со импакт-фактор во сферите на безбедноста, политикологија/политички науки, комуникологијата, социологијата… но, и економијата. Од дузина консултирани трудови, два се издвојуваат – еден по чистината и едноставноста на заклучувањето, и еден по смелоста на заклучокот, спротивен на целото претходно истражување. „Продукцијата на содржини од јавен интерес не е особено исплатлива, но создавањето лажни вести е“. Ова е всушност еден од најзагрижувачките заклучоци со најголеми последици – наведуваат авторите на трудот „Оптимизација на содржини во политичката комуникација: Лекции од сајтовите за лажни вести во Велес, Македонија“ од Петре Ралука и Сара Трајчевска од Универзитетот во Констанца, Романија, објавен во 2021 година во романскиот Журнал на политичка наука. „Она на што всушност сведочиме е нова средина за содржини каде што лажните вести, а не вистинските, цветаат. Веруваме дека ова е основниот проблем кој треба да се реши ако целиме кон подобар информациски екосистем и информирани граѓани“, се наведува во студијата. Креаторите на содржини, наведуваат авторите, ѝ го даваат на публиката токму она што сака да го чуе, без оглед на вистината, и го нарекуваат интернет-маркетинг. „Ваквото стопанисување со содржини малку е веројатно дека ќе исчезне, туку ќе цвета, затоа што е исплатливо. Пазарната вредност на лажните вести е повисока од новинарската содржина како јавно добро“, велат авторите кои утврдиле растечки тренд на замаглување на линијата меѓу маркетингот и новинарството. „Целта на создавачите на содржини од Велес секогаш била оптимизација на содржините за зголемен број на посети, без оглед на вистината. Само се префрлиле од комерцијални на политички содржини, и потоа повторно на комерцијални. Содржините кои ги произведуваат не се само политички, туку и во многу други исплатливи области: спорт, козметика/нега, сообраќај… Принципот е ист, оптимизација на содржините и посетите преку профилирање на публиката. Оттаму, потфатот со содржини од Велес, Македонија, нема намера да биде новинарство, туку маркетинг. Маркетингот цели да се вклопи во потребите на потрошувачот со производ или услуга, а тоа е токму тоа што го прават овие млади луѓе“, заклучува студијата. Алтернатива на лажните вести, според авторите на студијата, е новинарството, кое подразбира напорна работа без јасен позитивен исход: „Во таква ситуација, пазарната вредност на лажните вести е јасно повисока од вредноста на јавната служба/општествената вредност на квалитетните новинарски содржини“, пишува во неа. „Претприемачката мантра која што со неолибералната идеологија дојде по падот на социјализмот во Источна Европа проповеда лична иницијатива и мотивација да се биде просперитетен и да се заработат пари. Младите од Велес, Македонија го правеле токму тоа во нивното пазарно општество во зародиш, со средствата што им биле на располагање“, заклучува Ралука во студијата.

Футиристичка визија на Велес генерирана од Имаген 3, генератор на слики со помош на вештачка интелигенција

„Тоа што нема никаков доказ, не значи дека нема Руси“ Дел од напишаното за феноменот на „велешката индустрија на лажни вести“ всушност ги потврдува и тврдењата на Арсов и Чешелкоски – дека основните мотиви биле економски, можеби лукративно финансиски, но не и политички, кои подоцна се наметнале спонтано. Економскиот механизам, мотивите и основоположникот го потврдува и студијата „Македонската индустрија на лажни вести и изборите во САД 2016“ од истражувачката Хедер Хјугс и професор Израел Вајсмел-Манор од Универзитетот во Хаифа, објавена во август 2020 г. во списанието Политичка наука и политика. Но, оваа студија е единствена по еден заклучок кому не му претходи ниту една реченица во целиот труд. „Фактот дека нема никаков доказ за каква било вмешаност на руската Агенција за истражување на интернет (ИРА) не ја исклучува можноста дека биле вмешани зад сцените, без знаење на младите Македонци. Алтернативно, возможно е дека тајната операција на руската ИРА била толку ефикасна што Чешелкоски и сите останати биле несвесни за неа или одбиваат да си признаат дека биле изманипулирани од ИРА“, заклучува професор Израел Вајсмел-Манор на петата, последна страница на трудот во кој ниеднаш не споменува контакт на испитаниците со Руси. Теренскиот дел од истражувањето го спровела Хедер Хјуз во мај 2018 г. во Велес, а следела и еден од курсевите за дигитален маркетинг на Чешелкоски. „Нашето истражување ја потврдува (1) клучната улога што Чешелкоски ја имал во создавање на индустријата, (2) економскиот мотив што ги движел ширачите на лажни вести и (3) начинот на кој главно млади луѓе со слабо познавање на англиски јазик можеле да генерираат толкав сообраќај и толкаво ширење дезинформации“, заклучува студијата. Додека се подготвувала оваа студија, беше објавено и истражувањето на македонската Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) и Проектот за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП), во кое откриваат дека Трајче Арсов е сопственик на првиот „велешки сајт“. Во истражувањето, ИРЛ откриваат и дека во текот на 2015 година во Македонија дошла Ана Богачева, своевремено раководител на одделението за анализа на податоци на руската Агенција за истражување на интернет, ентитет кој беше опфатен со истрагата на специјалниот советник Роберт Милер за руско мешање во изборите во САД во 2016 година. Но, ИРЛ во истражувањето наведува дека ниту тие, ниту нивните партнери од ОЦЦРП не нашле врска меѓу Русинката и македонските сајтови. Во студијата, тимот се повикува на истражувањето на ИРЛ, но со свое толкување и заклучок: „Разговарајќи со оперативци, локални извори и со Мирко Чешелковски во нашето теренско истражување не најдовме докази за последните тврдење (руска вмешаност, н.з.), но многу потврди за оригиналниот наратив“, стои во заклучокот на студијата на Вајсмел-Манор. И студиите, но и самите оператори на сајтовите својата активност ја дефинираат како „интернет маркетинг“. Во нивните очи, како што заклучува и романската студија, тоа што го прават нема врска со новинарство и со информирање, па затоа и не мора да е точно. Ова целосно избегнување на етичката компонента на нивните активности е особено нагласено во „бизнисите“ како продажба на „Трамп картички“, кои, ако формално и не се, се граничат со измама. Не помалку штетно е и „создавањето содржини“ кои дезинформираат милиони и предизвикуваат друг вид на штети.„Извештајот на `Фридом хаус` за слобода на интернет за 2017 година укажува дека тактиките на онлајн манипулации и дезинформации играле значајна улога во изборите во најмалку 18 земји во 2016 година. Главната новина е што новите медиуми овозможуваат дезинформациите да бидат инструментализирани и од обичните луѓе, како тие во Велес“, нагласува романската студија. Ваквиот начин на заработка можеби е брз и ефикасен, можеби и легален, но не и безопасен. На крајот на краиштата, како што заклучува Вајсмел-Манор: „Ако Македонците прават профит, сигурно демократијата ја плаќа сметката“. Инаку, погореспоменатата Ана Богачева кон средината на октомври 2019 година е задржана на информативен разговор во Минск, Белорусија, по барање на Интерпол. Но, како што тогаш соопшти Амбасадата на Руската Федерација во Минска, таа е пуштена на слобода. Пишува: Игор К. Илиевски Извор: Новинска агенција МЕТА

  

Најново

ГРАЃАНИТЕ ДА КОМУНИЦИРААТ СО ИЗВРШИТЕЛИТЕ ЗА СВОИТЕ ПРАВА – ВЕСНА ДЕЛОВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА КОМОРАТА НА ИЗВРШИТЕЛИ

Sase Ivanovski

Бизнисменот Милинко Цицмил Milinko, сопственик на Промонт груп, е уапсен денес со уште четворица други поради сомневање за перење пари

Sase Ivanovski

Двa инциденти со запалени возила во Скопје

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Ветената „фуриозна изградба“ на клиничкиот центар во Штип никако да почне

Sase Ivanovski

Напад врз внатрешни работи во синдикат е и кршење на Уставот

Sase Ivanovski

За една недела, бројот на грипозни се намалил за 15,4 отсто

Sase Ivanovski

МЗШВ: Денеска се реализираше исплата на три мерки за директни плаќања

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Министерство за внатрешни работи: Државата ги засилува своите капацитети, показна вежба на специјалните единици за спасување од жичарница

Sase Ivanovski

Министерство за внатрешни работи: Одржана тркалезна маса на тема „Полициски интегритет – улоги и одговорности на полициските менаџери“

Sase Ivanovski

УЈП: ТОЧНИ ПОДАТОЦИ ОД УПРАВАТА ЗА ЈАВНИ ПРИХОДИ ЗА ИСПЛАТА НА ЈАНУАРСКАТА ПЛАТА

Sase Ivanovski

Како Општина Тетово му помага на професорот Фатон Мурсели незаконски да гради на Шапка на туѓа земја

Sase Ivanovski

СДСМ: Кочоска не се извинува, продолжува со својот манипулативен и арогантен однос

Sase Ivanovski

Интензивирање на соработката со Хрватска преку Групите за пријателство

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) СТРАШНО ВИДЕО: ЕВЕ КАКО РУСКИТЕ ВОЈНИЦИ СЕ ВРАЌААТ ДОМА, ВО БЕЗБРОЈ ЦРНИ ВРЕЌИ

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ: Сања Лукаревска призна дека ССМ делува под контрола на СДС, имали потреба од повеќе коментари?

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) ТОПОЛ ПРЕЧЕК ВО БРИСЕЛ НА ЗЕЛЕНСКИ: ДУРИ И ОРБАН И ФИЦО МУ СЕ ПОКЛОНИЈА!

Sase Ivanovski

Општина Центар, Герасимовски: Аплицирајте за финансиска поддршка на културни проекти, ги поддржуваме уметниците

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПНЕ: Некој повторно ги мести СДС, фирмата која ја обвинуваат за тендерска мрежа, добила 45 милиони од Општина Центар, дали и Герасимовски е ВМРО-ДПМНЕ?

Sase Ivanovski

Д-р Драган Смилевски од „Аџибадем- Систина“: Што е тироидна жлезда, каде се наоѓа, за каков тип на жлезда станува збор?

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) СДСМ, Тендерски мрежи во општините на ДПМНЕ: Каде завршуваат парите од унгарскиот кредит?

Sase Ivanovski

Муцунски присуствуваше и се обрати на свеченоста во Скопје по повод Националниот ден на Јапонија

Sase Ivanovski

ФЕРОИНВЕСТ ќе ги воведе батериските системи на WEIHENG во Македонија

Sase Ivanovski

СДСМ: Власта да обезбеди пари за минималната плата од 500 евра за работниците

Sase Ivanovski

Министерот на Трамп се појави на телевизија со крст на челото

Sase Ivanovski

Во Вин-Вин интервју со министерот за локална самоуправа Златко Перински

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Митева: Бројките ги одразуваат стабилните економски перформанси – БДП за 2024 е 2.8%, а СДИ достигнаа над 1 милијарда евра

Sase Ivanovski

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потпиша укази за унапредување и поставување на старешини со генералски чинови

Sase Ivanovski

УСТАВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, Костадиновски-Брејтвејт: Се зајакнува соработката меѓу Уставниот суд и AIRE центарот

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) СДСМ, Лукаревска: Недозволиви се нападите на ДПМНЕ врз Синдикатот

Sase Ivanovski

(ВИДЕО+Документи) СДСМ отвора скандали: Тендерски мрежи во општините на ДПМНЕ

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) СДСМ, Тендерски мрежи на ДПМНЕ: Само една фирма добила 50 тина јавни набавки тешки 10 милиони евра!

Sase Ivanovski

Фотографии од посетата на претседателот на хрватскиот Сабор

Sase Ivanovski

(ФОТО) СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АФРИМ ГАШИ СО ХРВАТСКИОТ КОЛЕГА ГОРДАН ЈАНДРОКОВИЌ

Sase Ivanovski

Министерство за внатрешни работи: Приведен кичевец за „безобѕирно управување моторно возило “

Sase Ivanovski

Засилени сообраќајни контроли: 682 санкции за возачи, 68 за возење без возачка дозвола

Sase Ivanovski

Министерство за внатрешни работи: Засилени сообраќајни контроли: 682 санкции за возачи, 68 за возење без возачка дозвола

Sase Ivanovski

Герасимовски: Јавен повик за финансиска поддршка на здруженија и фондации, тие се двигателот на општеството

Sase Ivanovski

МЗШВ, Трипуновски: Со министерот Иштван Наги ќе го реобновиме Меморандумот за соработка, одлична можност за промоција на македонските земјоделски производи

Sase Ivanovski

„Алкалоид“ одбележа половина век информатичкa технологиja ПРЕД 50 ГОДИНИ ЗАПОЧНА СО РАБОТА КУЛТНИОТ КОМПЈУТЕРСКИ ЦЕНТАР НА „АЛКАЛОИД“

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ: Денот во 60 секунди – Висока бројка на странски директни инвестиции, нови вработувања во АРМ и потпишан договор за инвестициски грант од 2,4 милиони евра

Sase Ivanovski

ФЕРОИНВЕСТ ќе ги воведе батериските системи на WEIHENG во Македонија

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Ристов: Костадин Костадинов треба само да ги реализира своите обврски за патот Струмица-Дабиле наместо да измислува конструкции

Sase Ivanovski

Петрушевски: ССМ преповторува тези на СДС, целта им е да го закочат развојот на државата

Sase Ivanovski

СДСМ: Со очајните спинови за Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ само ги потврдува сопствените скандали

Sase Ivanovski

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Државен Архив

Sase Ivanovski

Герасимовски: Финансираме поддршка за жртви на насилство, млади во ризик и деца со попреченост

Sase Ivanovski

Бојковска: ССМ нуди ад хок предлог за минимална плата кој на долг рок предизвикува инфлација и не носи  стабилен живот за граѓаните

Sase Ivanovski

Пешевска: Од кујната на СДС добиваме само лаги зачинети со лицемерие, Тренчевска наместо да глуми грижа, да си го преиспита однесувањето

Sase Ivanovski

Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Sase Ivanovski

Приведен криминалец баран со потерница

Sase Ivanovski

Димитриеска-Кочоска: Исплатена првата транша од 10,4 милиони евра за поддршка на домашните компании, компаниите ги препознаваат поволностите за реализација на своите инвестиции

Sase Ivanovski

Василевска: Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ води државничка меѓународна политика, а не како до сега понижувачка

Sase Ivanovski

ПРАШАЊЕ НА НЕДЕЛАТА: Граѓаните сметаат дека треба да се намали цената на патарините

Sase Ivanovski

Митески: Аеродром најмногу вложува во најмладите, резултат се инвестиции во градинки и училишта

Sase Ivanovski

Јандроковиќ од македонското Собрание ја потврди хрватската поддршка за интеграција на Македонија во ЕУ

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ: Чудна е пасијата на СДС да води полемика за авио сообраќајот и да спомнува авио летови

Sase Ivanovski

Трипуновски: Со добра стратегија производството на тутун се зголеми, тоа ќе се случи и со лозарството и пченицата

Sase Ivanovski

СДСМ: Владата се луксузира со приватни авиони и егзотични овошја, а нема пари за работниците

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ: Трендафилов ги манипулира работниците, отвара теми на кои СДС, ДУИ и Левица се лепат со предлози и наводни решенија

Sase Ivanovski

Бугарските градоначалници подготвени да ги зголемат даноците за имотите

Sase Ivanovski

СДСМ: Не може да има пари за луксузирање на власта а да нема за минимална плата за работниците

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Tинејџер фрли фотелја од третиот кат на трговски центар во Лондон, двајца се уапсени

Sase Ivanovski

Барањa за задржување на минимум ниво на квалитет на достапни CGM системи, глукометри и ленти во Северна Македонија, при јавната набавка за 2025 и 2026 година

Sase Ivanovski

СДСМ: Зошто Владата три дена крие колку платила за приватниот лет за Будимпешта?

Sase Ivanovski

СОВРЕМЕНО АРХИТЕКТОНСКО НАСЛЕДСТВО (ВО ОПАСНОСТ)

Sase Ivanovski

Легендарниот инвеститор Чарли Мунгер: Кој можеше да верува дека комунистите ќе направат таква империја од Кина но го копираа Сингапур

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ: Бујар Османи и Зоран Заев, односно ДУИ и СДС, направија сè што можеше за да го разнебитат македонскиот идентитет

Sase Ivanovski

Еве зошто никој ја нема нападнато Швајцарија 200 години

Sase Ivanovski

Откажан меѓународниот саем во Белград, европските излагачи велат дека биле етикетирани како „непријатели“

Sase Ivanovski

Матурантите од Кисела Вода што сакаат да станат возачи, можат да аплицираат за субвенции од 10 000 денари

Sase Ivanovski

Приведен 36-годишен маж баран со потерница

Sase Ivanovski

Утре ќе се избираат 47 обвинители

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Андоновиќ: Макрон ќе ја проширува Франција нуклеарно и ќе испраќа војници во Украина?

Sase Ivanovski

Седумнаесет случаи на дискриминација на божиќниот надоместок во Словенија

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Шоу на Трамп во Овалната соба: Покани дете болно од рак и ослободените заложници од Хамас

Sase Ivanovski

Измама од 2,9 милиони евра со земјоделски субвенции – 100 сомнителни случаи во Грција

Sase Ivanovski

Рубио: Конфликтот во Украина е посредна војна меѓу САД и Русија, па затоа мора да заврши

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ го нападна првиот синдикалец: Трендафилов е испостава на СДСМ, Левица и ДУИ

Sase Ivanovski

Германија загуби 735 милијарди евра од кризите во последните пет години

Sase Ivanovski

Убиен новинар во Еквадор, кој ги истражувал убиствата на наркокартелите

Sase Ivanovski
Вчитувам....